Најфудбалскиот ден во годината

Побарајте слободен ден од понежната половина, набавете си уште еден телевизор и снабдете се со доволна количина на пиво и грицки/мезе. Оваа недела, 7.10.2012, е најфудбалскиот ден во годината, а можеби и во деценијата.

Шпанија
Барселона - Реал Мадрид 19:50
Сите погледи на фудбалска Шпанија овој викенд се насочени кон големото „Ел Класико" дерби. Барселона и Реал Мадрид ќе го одиграат 165-та првенствена средба откако е започното ривалството во 1929-та година. Барселона веќе има 8 поени предност, па Реал Мадрид мора да оди на се или ништо.

Освен овој дуел, во недела во Шпанија ќе се одигра и уште еден интересен меч. Шампионот од Лига Европа и освојувачот на европскиот Суперкуп, Атлетико Мадрид во 21:30 ја пречекува третопласираната Малага, екипата која не знае за пораз веќе 11 натпревари.

Италија
Милан - Интер 20:45
Првото „Дерби дела Мадонина" исто така ќе се одигра на овој „најфудбалски ден". Милан и Интер имаа лош старт на сезоната, и победа на 220-то официјално дерби ќе значи„рехабилитација" и враќање на самодовербата. На Милан очајно му се потребни поените затоа што веќе заостанува 9 поени зад Јувентус и 5 зад Интер, но од спротивната страна ќе го имаат нивниот довчерашен напаѓач Касано кој ќе биде посебно мотивиран за ова дерби.

Франција
Олимпик Марсеј - ПСЖ 21:00
Првопласираниот во Франција го пречекува второпласираниот во „Ле Класик" дербито. За прв пат по 19 години овие две екипи се среќаваат во момент кога ги држат двете водечки позиции во лигата. ПСЖ и Олимпик се двата најпознати клубови кои доаѓаат од двата најголеми француски градови (нешто како Скопје и Битола), па ривалството помеѓу овие две екипи е огромно, како на теренот, така и надвор од него. Дуелите помеѓу навивачките групи секогаш завршуваат со голем број повредени и уапсени, а во 2010-та година имаше и еден загинат.

Португалија
Порто - Спортинг Лисабон 21:45
Најголемо ривалство во Португалија е она помеѓу Порто и Бенфика, но секако големо е и ривалството на Порто со втората лисабонска екипа од големата тројка во оваа земја.

Англија
Њукасл - Манчестер Јунајтед 17:00
Едно од класичните ривалства од ерата на Премиер лигата ќе се обнови во недела. Њукасл и Манчестер Јунајтед беа големи непријатели кон средината на 90-те години кога двете екипи се бореа за титулата, а нивните дуели отсекогаш привлекуваат огромно внимание.

Русија
Спартак Москва - ЦСКА Москва 16:00
Најголемото ривалство во Русија. ЦСКА е клуба оформен од војската, а Спартак е „народен клуб". За тоа колку не се поднесуваат овие два клубови говори и фактот што на едно дерби неодамна беа уапсени 695 навивачи.

Турција
Фенербахче - Бешикташ 18:00
Дуел помеѓу најуспешните турски клубови, локално дерби и ривалски дуел помеѓу работничка класа од азискиот дел (Фенербахче) и средна класа од европскиот дел на Истанбул (Бешикташ).

Македонија
Шкендија - Вардар 15:00

Белгија
Стандард - Андерлехт 14:30
Клуб Бриж - Генк 18:00

Кипар
Омонија - АПОЕЛ 17:00

И ако сето тоа не ви е доволно, во недела во 8 часот има Формула 1, а во 17 часот МЗТ му гостува на Будуќност во АБА лигата.

6 октомври 2012 - 00:23