Надежниот фудбалер кој освојуваше трофеи со Пандев реши да стане стоматолог

Чудни знаат да бидат фудбалските патишта, а жив пример за тоа е Адријано кој на крајот на фудбалска кариера се врати кај старото бразилско гето на криминалци или како овој пример каде дресот отиде во замена со бел мантил.

Рикардо Перпетуини не е некое познато фудбалско име, но кога ќе се погледнат неговите години и кариера зачудува неговата одлука која целосно ќе му го промени животот. Има 26 години, најзрелата возраст за еден фудбалер, но донесе одлука да ја прекине кариерата и да работи како стоматолог.

Се работи за играч со над 200 настапи од кои повеќе му се во втората италијанска лига во Кротоне, Фоџа, Салернитана, Аквила, Кремонезе и Мантова каде настапувал како позајмен играч од Лацио

Член е на Лацио од 2008-ма каде најпрво се калеше во Примавера, а потоа доби и неколку шанси во прв тим во времето кога во римскиот тим играа играчи како Пандев, Роки, Зарате, Коларов и Лихштајнер.

Перпетуини освои два трофеи со Лацио, истите кои ги има освоено и Горан Пандев, а тоа се Купот на Италија против Сампдорија на пенали и Супер Купот против Интер во Пекинг и двата во сезоната 2008/2009.

Во Серија А дебитираше на 18 години против Палермо кога влезе на местото на Осман Дабо, а има и еден настап во Лига Европа кога Лацио во 2009-та му гостуваше на Левски Софија и го совлада со 0.4.

Во неговата намера е сигурен и одлучен:

„Имав среќа и знаење да можам да бирам што ќе правам понатаму и јас решив да продолжам со студиите на медицинскиот факултет и потоа да работам како стоматолог. Можеби ако го имав во глава само фудбалот ќе продолжев да играм. Ја чувствував желбата за да продолжам со новата кариера и среќен сум поради изборот“.

Има и порака за децата кои сакаат да станат фудбалери:

„Сакам да им порачам на сите деца кои сонуваат да станат фудбалери: Не се фиксирајте за фудбалот, тоа не е баш вистинска наука и додека се чувствуваш добар може да ти се случи повреда. Фудбалот е многу врзан за среќни моменти или на ситуации кои не можеш да ги предвидиш“.

Перпетуини освен што не можел да фати место во средниот ред на Лацио кој во тој период го држеа Ледезма, Дабо, Броки, Матузалем, Маури, имал и лоша среќа со повредите. До 26 години морал да направи пет операции на коленото, повреда која се смета за една од најкомплицираните кај фудбалерите.

28 октомври 2016 - 17:03