На пролет работел како електричар, сега е на праг од Лига на шампиони

Клубот Клаксвик од Фарски Острови е главна летна сензација. Поминаа две рунди во квалификации за Лига на шампиони против далеку посилни и реномирани ривали, обезбедија најмалку Лига Конференции, а главен јунак им е голманот Јонатан Јохансон.

Клаксвик прво го елиминираше унгарски Ференцварош (0:0, 3:3), па потоа и шведскиот шампион и освојувач на Купот Хакен (0:0, 3:3, на пенали 3:2).

Првиот меч меѓу Клаксвик и Хакен во градчето кое има околу 5.000 жители заврши 0:0. На реваншот сите гледаа глатка и лесна победа на шведскиот шампион. Сите освен мистичниот Клаксвик.

Мечот заврши 3:3 после продолженијата и следуваа пенали. А таму последниот решавачки удар го одбрани голманот на гостите Јонатан Јохансон. Ова беше единствена одбрана во пенал серијата, претходно два удари завршиле во стативата и надвор од голот.

За 120 минути Јохансон имал пет чисти одбрани. Интересно голманот на Клаксвик блескал и против Ференцварош со четири одбранети шута.

КАРИЕРАТА МУ Е ЗА ИГРАН ФИЛМ

До летово 2023-та во фудбалскиот живот на 31-годишниот Јохансон немало ништо посебно. Тој од 2011-та година бранел во најниските лиги на Шведска и Норвешка, а пред две години речиси и ја завршил професионалната кариера. Бранел за норвешкиот петтолигаш Мајорстуен во аматерска лига.

Јохансон само во норвешкиот клуб Нутоден се задржал повеќе од две години и настапил на 71 натпревар. Нутоден тогаш ил второлигаш.

На почетокот на јуни годинава, главниот тренер на Клаксвик од Фарски Острови, Магне Хосет му се јавил и му понудил да дојде во нивниот клуб.

Јохансон повикот го добил на грчкиот остров Родос каде бил на одмор со семејството. Хосет го познавал од сезоната 2016/2017 кога бранел во Нутоден а првиов таму ја привршувал играчката кариера.

„Ме праша дали сакам да бидам дел од екипата. Му кажав дека нормално не сум играл веќе две години, но тоа на Магне не му беше проблем. Му требаше човек од доверба за време на еврокуповите. После се се случуваше многу брзо“, вели јунакот на Клаксвик.

А го викнале откако првиот голман на екипата, Маркус Петерсен на крајот од мај се повредил и морал да паузира.

„После мечот со Ференцварош се чудев зошто се сетив каде бев пред четири недели. Работев во електро-енергетска фирма во Осло. Сега наеднаш стоев пред 20.000 навивачи кои ни аплаудираа откако им го победивме тимот. Со тренерот клекнавме на колена и заедно заплакавме“, раскажува Јохансон колку фудбалот може да биде чудесен.

Во следната рунда сега Клаксвик го чека норвешкиот првак Молде, екипа која пред пар години почна да прави чуда во еврокуповите.

Јохансон за овој најважен двомеч во историјата на спортот на Фарски Острови вели:

„Прво шведски Гетеборг (таму игра Хакен), сега норвешки Молде. Девојка ми е од соседно градче. Патот во Лига на шампиони можеше да биде и поегзотичен. Но сеедно јас го сфаќам нашиот пат како мојот одмор на Родос да продолжува“.

Договорот со Клаксвик му е до крајот на август (за него Јохансон вели дека му е „продолжен одмор“). Клаксвик веќе обезбеди најмалку групна фаза на Лига Конференции така што Јонатан Јохансон речиси сигурно ќе добие нов договор за да бајката продолжи на есен.

А сонот е Лига на шампиони. До таму имаат голем ривал во Молде и уште една, најмалку толку силна препрека.

Мистичниот Клаксвик од Фарски Острови прави чуда на патот до Лига на шампиони

3 август 2023 - 13:12