Човекот со 31 титула во кариерата, кој е олицетворение на тики-така играта на Барселона има око соколово во однос на прегледноста на играта. Па да му е мерак на човек не само да го гледа, туку и да го слуша или чита како зборува за фудбал.
Актуелниот фудбал толку многу еволуираше на физички и тактички план, што денес е многу тешко да се дриблаат одбранбените играчи. Тренираме со чип на градите, ни пресметуваат растојанија, поминати километри, максимална брзина...Невозможно е да бидеме поподготвени. Значи фудбалот ги има искористено физичката и тактичката страна, што е и исправно. Сега преостанува да се искористи до крај техниката. Бидејќи ако се продолжи вака, физичката страна ќе ја совлада техничката и верувајте ми фудбалот ќе стане досаден.
Во фудбалот постојат повеќе стратези како Симеоне, отколку како Гвардиола. Доволно е да се види во Ла Лига или Премиер лига: Колку екипи се обидуваат да играат како Гвардиола? Две? Три? А колку како Симеоне? 80%. Нивниот изговор е: Не можам да се носам со Сити или со Барса. А потоа истото го прават и против Леганес.
Што се бара во Барселона?
Таму се инсистира на фудбал во простор и време. Бускетс, Меси, Иниеста се доктори за простор – време. Секогаш знаат како да постапат ако се сами или заобиколени. Тоа е така, затоа што се избрани и тренирани во Барселона уште од деца. Други играчи од среден ред и да се побрзи и технички посремни од Бускетс, таа работа не ја разбираат. Исто како што Бускетс не би требало да покрива во одбрана, колку што покрива на пример Каземиро, ама Каземиро на пример не доминира со простор и време. Ако го учеле на тоа од 12,13 или 15 години, јак играч како него ќе знаеше да го прави сигурно.
Кој треба да биде основниот концепт?
Со играчите е најважно да се зборува како да ги сфатат работите кои се бараат од нив на терен. Тоа што ни го донесе Кројф. Тој зборуваше за тоа како да се дојде до една хармонија на терен. Да се отвориме, да разбереме каде е слободниот простор. Ако тука е Иниеста, јас не можам повеќе да останам на истото место. Ако е под притисок, морам да му најдам излез со тоа што ќе се поместам и ќе му се отворам. Предноста на Барселона во однос на другите клубови е што овој концепт го работи со години, почнувајќи од младите категории.
Меси е најјак во свет не само поради неговиот талент како што мислат многумина, туку затоа што на тактички план разбира се. Тој доминира со се, простор, време, каде му се соиграчите, а каде противникот.
Арагонес ми вели еднаш: Што ти се допаѓа, убав или добар фудбал? Јас не сфатив што сака да ми каже. Не сакам да споменувам имиња, но во Ла Лига се импресионираат од играчи кои стигнуваат до бројки или прават финти за сопствен ќеиф, а потоа ги снемува без да остават трага.
Дали тоа Меси го прави скапоцен?
Не, туку тоа што добриот фудбалот што го игра, кај него по дифолт станува убав и тој секогаш се бори до крај.