Мурињо со намќореста фаца одржа чуден прес од 3 и пол минути

Не е лесно да си навивач, ама уште повеќе тренер на Манчестер Јунајтед откако Фергусон ќе ти остави наследство од кое во фудбалот не се живее и во иднината. Мурињо на времето сам си се нарече „Специјален“, ама сабајлево изгледаше како веќе да не знае кај тера.

Жозе Мурињо утрово е сликан како да оди на работа уште во темни зори, мислиш работи во фабрика, а тој уствари закажал прес конференција во 8:00 часот, невообичаен термин според новинарите на островот кои се зачудиле, бидејќи никогаш до сега не држел прес толку рано.

Да е само тајмингот чуден. Се појавил целиот утепан со никакво расположение, без им да им каже на новинарите ниту добро утро ниту пријатно.

Прес конференцијата траела “дури“ 3 минути и 32 секунди. Му биле поставени само шест прашања од кои на едно не одговорил, а во неколку наврати одговорал отсечно како на квиз.

Зошто Манчестер Јунајтед има проблеми сезонава?

Мурињо: Поради многу причини.

Може ли да нагласите некои од нив?

Мурињо: Не.

Манчестер последен пат не успеал да победи на пет меча дома и на гости во 1999-та година. Дали ја прифаќате тезата дека таква серија за ваков голем клуб не е баш добра.

Мурињо: Да, ја прифаќам.

Потоа следувало прашање кое Мурињо не го одговорил: Дали може да им порачате на навивачите дека правите сè што е во ваша можност?

Португалскиот стратег признал дека формата на неговиот тим не е добра, а на некои прашања одговорил и подолго.

Знам дека сме на почетокот на октомври и ако ги погледнеме табелите низ цела Европа во септември и октомври, тие не се одразуваат на тоа што ќе се случи за неколку месеци или на крајот на сезоната. Ние сме во позиција каде што можеме да направиме да бидеме многу подобри, па затоа ни требаат бодови кои ги загубивме посебно на последните два натпревари во Премиер лига.

Манчестер Јунајтед има 10 бода по 7 одиграни кола во Премиер лигата, а полош старт во овој во оваа фаза клубот имал во сезоната 1989/1990. Во Лига Купот се елиминирани од второлигашот Дерби, а во Лига на шампиони во второ коло одиграа разочарувачки 0:0 против Валенсија.

Со актуелното 10-то место Јунајтед заостанува 9 бода зад лидерот Манчестер Сити кој го дели врвот заедно со Ливерпул, а последната победа на домашен терен им е од 10 август кога на отворањето на сезоната го совладаа Лестер.

Позитивната страна пред утрешниот меч им е само статистиката против Њукасл од кој немаат пораз на домашен терен на последните 36 средби.

Ова е дел од пресот на кој Мурињо утринава изгледаше разочаран, очаен, па дури и депресивен, мислиш ќе каже уште утре ако не тепам се повлекувам и од Јунајтед и целосно од фудбал.

5 октомври 2018 - 14:09