Конзорциум од 12 европски медиски куќи, меѓу кои се шпанскиот портал Конфиденсиал, германскиот Шпигл, францускиот Л’Екип, британскиот Сан и други најавуваат дека во следните две до три недели ќе објават податоци кои би можеле да го здрмаат фудбалскиот свет.
Зад целата најава стојат гигантски медиуми кои што на виделина ја изнесоа и приказната за „Панама пејперс“ неодамна.
Конзорциумот тврди дека во свои раце има преку 18 милиони (да, милиони) документи коишто недвосмислено докажуваат дека најголемите фудбалски и спортски имиња, меѓу кои Кристијано Роналдо и Жозе Мурињо затајувале данок и тоа директно преку Хохе Мендез, светскиот супер-агент како што го нарекуваат.
Наводно Роналдо се терети дека во 2009. година, откако стигна од Манчестер на „Сантијаго Бернабеу“ избегнал данок во висина од 150 милиони евра (во два случаи од по 75 милиони евра за правата на брендот CR7), и тоа преку правното лице "Gestifute" чијшто сопственик е португалскиот менаџер Мендез.
Се споменуваат и фирми од Панама и од Британските Девствени острови. Според Шпигл наводно и некои карипски фирми пред две години ги купувале правата на логото CR7, а целата „ујдурма“ одела преку „Mint Capital“, правно лице во сопственост на Питер Лим, претседателот на Валенсија којшто е најдобар пријател токму со Мендез. Парите биле уплаќани во сметка во швајцарска банка на името Кристијано Роналдо.
Целата афера ја потресува и Ирска каде се споменува компанијата "Multisports & Image Management", од причина што Ирска има најмала стапка на данок на добивка во Европа (12,5 одсто).
Покрај Кристијано Роналдо, се споменуваат уште и Месут Озил, Радамел Фалкао и многу други.
„Кристијано Роналдо и Жозе Мурињо сите свои даночни обврски ги плаќаат на шпанските и британските власти. Ниту едниот ниту другиот никогаш не биле замешани во било какви илегални активности, ниту пак поради нив биле предмет на истрага. Нема да се воздржуваме од тужби кон било кој што ќе ги објави овие невистини“, вели во соопштението на Gestifute.
Од друга страна, шпанскиот Конфиденсиал тврди и гарантира дека рекламните договори на Роналдо со Најк, Унилевер и Конами оделе преку MIM, што значи дека плаќал помалку данок од она што требал да го плати (43,5%) колку што физичко лице со живеалиште во Мадрид треба да плаќа.
Ел Мундо пишува дека Мурињо во договор со Даночната управа успеал својата офшор компанија да ја претстави како фирма со трошоци. Мурињо прикажувал трошоци од милион евра, иако од 2010 до 2013 година имал нешто помалку од 100.000 евра реални трошоци, или десет пати помалку од пријавеното.
Најголемата компаративна предност во однос на Меси, во битката за тоа „кој е најголем на целиот свет“, за Португалецот беше токму тоа дека е чесен и дека нема никаква дамка.