На стартот од сезоната во Шпанија се случи нешто неочекувано, но пријатно изненадување: Валенсија, која во последните две години не беше ниту во првите 10 екипи во Ла Лига, денес е на второто место пред Реал и Атлетико.
После 10 кола имаат 0 порази и дури 27 постигнати голови - само гол помалку од Барса и повеќе од сите други.
Сето тоа е поврзано со новиот тренер Марселино Гарсија Торал кој пред пола година со Виљареал стигна во полуфиналето на Лига Европа и заврши четврт во Примера. Но симбол на преродбата на Валенсија стана друг човек, италијанскиот напаѓач Симоне Ѕаѕа.
ГО ИСМЕВАШЕ ПОЛА ЕВРОПА
Сигурно се сеќавате на кошмарот во кој Заза западна на Европското 2016 кога во серијата пенали против Германија изведе чуден пенал и ја рогна топката под облаци. Тоа беше мотив за да му прават мемиња и за пеналот и за самиот напаѓач.
„Тоа за брзо време ми стана ноќна мора. Го утнав најважниот пенал во кариерата и знам дека ќе ме следи до крајот од животот. Но веќе не можам да мислам на тоа. Просто промашив, одам напред и не мислам на минатото“, изјави Ѕаѕа месеци после ЕП 2016.
Но ништо не му одеше. Во летото 2016 му здосади од клупата на Јувентус и замина во Премиер лига - го позајмија во Вест Хем кај Славен Билиќ. Во Лондон Ѕаѕа сам зборувал дека не може да се привикне ни на храната, ни на ритамот на живот ни на фудбалот, ни на соиграчите ни на околината. Резултат: 8 меча 0 голови.
„Во Англија бев збунет - појма немав како да почнам, како да ги соберам деловите од својот живот во една рамка. Тренирав професионално иако во последните три недели таму станував во 7 сабајле да тренирам со 15-годишни деца. Тренирав два пати на ден, но молчев. Просто чекав една шанса да покажам како играм. Но не ме пуштаа“, се сеќава Симоне на престојот во Лондон и додава:
„Тоа беа најужасните шест месеци во мојата кариера, но не сакам да глумам жртва - 99% од вината лежи на мене зошто не можев да се адаптирам на условите. Таа криза многу ме научи: порано мислев дека сум непобедлив дека ништо не може да ме скрши. И тука видов дека не сум толку силен како што сум мислел. Затоа сега откако ја видов својата ранливост, одново се чувствувам јак“.
МОРЕ, СОНЦЕ И НОВ ЖИВОТ
Со преселбата во Валенсија Ѕаѕа брзо си дошол при себе. Во вториот меч во стартните 11 му даде гол на Атлетико и не го прослави, само ја спушти главата да ги сокрие солзите од олеснувањето. Во следното коло Италијанецот му даде гол на Реал - погодок кој го смета за решавачки во неговата ренесанса.
„Најважно во Валенсија ми е спокојно и добро. Во Лондон со никој не зборував и не се дружев, а тука од првиот ден можам спокојно да зборувам со сите. Сега главата одново ми работи. Во Лондон бев во слаба форма и луѓето мислеа: што ќе биде со овој 8 месеци гол нема дадено. А тука мене од првиот ден ме поддржуваа. Има море и сонце. Ништо повеќе не ми треба.“
И така Заза во втората полусезона даде 6 гола а Валенсија го откупи од Јувентус за 16 милиони евра (сумата на рати во две години).
„Сакам да останам тука долги години. Знам дека не сум Кристијано ниту Меси, ниту Марадона ни Ван Бастен но добро играм. Просто сакам во целост да го реализирам својот потенцијал“, на пролет годинава изјави Симоне.
ЧУДО ОД ГОЛОВИ
Во новата сезона Ѕаѕа е најдобар стрелец во Примера после Меси (9 гола на 10 меча). Првпат во кариерата дал 6 гола по ред. Против Малага направи хет-трик за 8 минути. Го избраа за најдобар играч во септември во цела Примера.
Последниот запис за него од статистичката компанија Opta зачудува: 7-те последни голови Ѕаѕа ги дал после 7 директни удари без топката да се одбие или голман да одбрани.
Самиот Симоне иронично го оценува тоа: „Никогаш не сум се споредувал никако со Меси, тој е безалтернативно најдобар играч на светот. Ако на крајот од сезоната бидам втор стрелец, ќе барам признание од Ла Лига.“