Инзаги доби воздушен дуел, топката го погоди стоперот Бреви во рака и Симоне ја намести топката на пеналтикот. Тој ден Лацио стана шампион.
Сенка на Симоне му правеше Манчини. Роберто имаше 35 години, и тој, како и младиот Инзаги често влегуваше од клупата. До нив обично седеа Станковиќ, Сенсини и Раванели за кои исто ретко имаше место во страшниот состав каде во 2000та доминираа Неста, Верон, Недвед и Салас.
Денешната екипа на Лацио малку потсетува на таа: ниту има топ играчи, ниту е пред банкрот, нема никакви крајности како тогаш. Денес во Лацио има дечки како тогашниот клинец Дејан Станковиќ, а главна ѕвезда е млад тренер. И такви какви што се Римјаните собраа 29 бода на 13 меча.
Симоне Инзаги врза две епохи. Соиграчите го викале Алманахот. Тактичкиот мајстор Ериксон рекол дека напаѓачот ги анализирал сите детаљи и ситници. Во Лацио имало уште еден таков - Диего Симеоне, па не е ни чудо што станале пријатели.
Додека Симеоне сееше страв по Европа со буџетно топ клуб, Инзаги доминираше во Италија со примавера (младинците) на Лацио. По крај на сезоната, Симоне Инзаги се упатувал во Мадрид каде со денови висел во тренинг базата на Атлетико.
Фудбалот го гледаат на поинаков начин - како што го гледаат играч од одбраната и напаѓач. Но Италијанецот ја строи дефанзивата исто како и неговиот аргентински другар.
Римјаните не се оптеретуваат со посед на топка (10-ти се во лигата по овој параметар). Лацио врши пресинг со отворени крила и му дозволува на противникот да има посед на средината. Гарант на успех на овој систем е Стефан де Врај. Пред една година тој повеќе одеше по доктори отколку што играше а денес ги руши сите што ќе се појават во неговиот шеснаесетник.
Кога тој не игра Лацио има проблеми. Со него „Бјанкочелести“ примаат на секои 111,6 минути во просек, а без него - на секои 31,16 минути. Од горните редови на „Stadio Olimpico“ изгледа како Стракоша да одмара кога игра Де Врај.
Де Врај игра подобро од кога и да е и во тоа лежи талентот на Инзаги. Симоне блескал во младинските категории, но со карактерот оставал поголем впечаток отколку со игра. На осум години бил капитен на децата до 11 години и старите го слушале како тренер.
„Алманахот“ знаел да збори така сите да го слушаат. Еднаш трчал на тренинг по детиштето Балде: „Ајде мора да дадеме гол, секогаш мора да дадеме гол, ајде!“ Го учел да дава голови а не да дрибла. И знаел што прави: Под негова палка Кеита даде четири гола повеќе од претходната сезона.
Другарите од родниот крај се сеќаваат дека Симоне за секој играч од секоја екипа знаел кои му се слаби а кои силни страни.
Помладиот од браќата Инзаги беше добар центарфор, но не и звучен. Секој ден поминат на штаки поради повреда го правел послаб играч а подобар тренер.
Минатата сезона Лацио имаше најдобри крила во Италија, играа идеална симетрија а капитенот заедно со Бонучи го викаа еден од последните режисери на играта во Европа. Минатото лето клубот го напуштија Кеита и Биља а како замена дојде Леива.
Во текот на летото Симоне ја прекроил тактиката и ако лани напаѓаа 45% по левата страна, сега во формација 3-5-1-1 топката најчесто оди преку окосницата Де Врај - Милинковиќ Савиќ - Луис Алберто - Имобиле. Тие се лидери на новиот Лацио:
Милинковиќ и Алберто маневрираат во средината и создаваат слободен простор по крила. Имобиле малку работи екипно, а во нападот се приклучува во последниот стадиум каде е најопасен. Чиро во Борусија го играа зад напаѓачот, а Инзаги не ја повтори грешката на Клоп.
Сега бомбардерот Имобиле има голем вектор на движење во самиот шпиц.
Чиро обично игра како му свират. А најдобро му свират Луис Алберто и Сергеј Милинковиќ-Савиќ. За една година на клупата за резерви Луис Алберто го сконтал калчото и сега игра магично.
Поработил со личен психолог, се осмелил да игра послободно и ризикувал. Сега е најдобар асистент во Серија А (0,5 во просек по меч) и во топ3 по точни додавања (2,7 во просек). Шпанецот на екипата и дава вертикализација. Игра како треквартиста а не повлечено како на времето Биља. Сигналот во мозокот на Алберто му оди побрзо и тоа е една од причините што Чиро Имобиле се изнадава голови.
Двајцата се зависни еден од друг, а во триаголникот влегува и Милинковиќ-Савиќ којшто најчесто се придодава од лево. Овие тројца се најзаслужни за сите голови на Лацио. Римјаните се во првите Топ5 во лигата по стандардни голови (најкраток пат до голот), а петти се по удари од шеснаесетник.
За се е најзаслужен Симоне Инзаги кој минатото лето формираше свој личен стил кој се испостави најбрз и максимално ефективен.
Пред еден месец новинар од реномираната La Repubblica го прашал Симоне за тренерското образование, каде го стекнал, а тој му одговорил: „Мојата диплома е дресот во кој дадов четири гола во Лига на шампиони“.