Модриќ со насмевка се појави во Милано

Расположен и елегантен, најтрофејниот фудбалер во историјата на Реал Мадрид е веќе дел од Серија А и тимот на Милан. 

Лука Модриќ слета во Италија каде го пречекаа хрватски новинари на кои им даде куса изјава, пред да оди на лекарски прегледи.

„Многу сум среќен што сум тука, ме чекаат големи предизвици“, рече хрватскиот великан, кој откако стана слободен играч, потпиша едногодишен договор со Милан со можност за продолжување на уште една сезона.

Модриќ, кој на 9 септември ќе го прослави својот 40-ти роденден, пристигнува во Милан за да ја преземе главната улога во средниот ред и соблекувалната.

Најавен е како врвен играч со силен карактер, каков што му е потребен на 7 кратниот европски првак, кој минатата сезона заврши осми во Серија А и без пласман во Европа.

Тој нема да ја носи препознатливата 10-ка, туку повторно ќе биде со бројот 14, кој го носеше во раните фази од својата кариера, од Динамо и Тотенхем до неговите почетоци во хрватската репрезентација. 

Бројот 14 остана празен откако Тијани Рејндерс замина во Манчестер Сити, а еднаш го носеше Дарио Шимиќ во Милано.

Откако го презеде бројот 10 од Хамес Родригез во Реал во 2017 година, тој дрес стана синоним во ерата на Модриќ. 10-та во Милан ќе остане на грбот на Рафаел Леао.

Во текот на своите 13 сезони во Реал Мадрид, Модриќ освои сè што може да се освои. Со вкупно 28 трофеи, стана најодликуваниот играч во историјата на клубот. 

Тој не само што ги воодушеви навивачите со титули, туку и со неговата фудбалска интелигенција, техника, визија и врвен квалитет, кои го направија симбол на клубот. 

14 јули 2025 - 12:51