Во 17 коло од италијанскиот фудбалски шампионат во просек на стадионите се изброени 23.782 гледачи, додека на крајот од минатата сезона имало 24.655. Ова се двата најлоши податока во последните пет години во првата италијанска лига.
Серија А има 3,8% помалку публика од лани, а за разлика од сезоната 2009/2010 бележи пад од 7,6%. Тимот кој сезонава најмногу го обелува образот на италијанските екипи е Фиорентина која привлекла дури 20% повеќе навивачи од минатата сезона.
Покрај големата поддршка на засилената Фиорентина која сезонава бележи одлични резултати под водство на младиот стратег Винченцо Монтела, навивачите веруваат и во новиот проект на Валтер Мацари кој со Интер сезонава има за 10,5% повеќе навивачи од минатата сезона.
Кога на „Сан Сиро" или „Џузепе Меаца" се појавуваат фудбалерите на Интер, на трибините во просек има по 52.038 навивачи, а кога натпревар има нивниот голем ривал, на стадионот кој собира 80.000, има само 36.741 гледач.
Кризната година Милан ја плаќа не само со слабите резултати, туку и со драстичен пад на поддршка од своите навивачи кои за дури 18,8% доаѓаат во помал број од лани.
Останатите две екипи со повеќе публика оваа сезона се Наполи и Рома. Големите фанатици за фудбал кои сезонава најмногу се израдуваа на доаѓањето на Бенитез и Игуаин го полнат „Сан Паоло" за 7,1% повеќе од лани, а Рома има поголема поддршка од 3,7%.
Најголем број на публика во првиот дел од тековната сезона во Серија А е регистриран кога актуелниот шампион Јувентус сезонава играл на гости.