Михајловиќ после 25 години во родниот Вуковар

Тренерот на Милан решил со брат му Дражен и кумот Мирослав Тањга да го посети родното Борово, крај Вуковар во Хрватска каде влегол камуфлиран и заплакал на куќниот праг.

Во тајност, за да не го препознаат локалните мештани чија реакција сигурно не би била кафе муабет и ракија, српскиот тренер дошол во родната куќа во која не бил од војната во 1991. година.
 
По посетата на куќата во чии ѕидови шутирал како мал, Михајловиќ се упатил во основното училиште и на теренот на локалниот стадион во Борово каде ги направил првите фудбалски чекори. Синиша не можел да го издржи емотивниот набој и заплакал.
„Синиша Михајловиќ во Вуковар стигна во понеделникот во претпладневните часови. Речиси никој не го препозна затоа што на себе носеше капа, шал и очила за сонце. Прво ја посети родната куќа, а потоа и основното школо. Многу беше емотивно за него тоа и се расплаче кога седна во клупата каде учел во школските денови“, изјавил за Курир човек близок на семејството Михајловиќ.
Синиша во Вуковар останал цел ден и бил многу среќен што после цели 25 години се враќа во својата куќа. За оваа посета тренерот на Милан ги откажал клупските обврски претходните денови.

„Искрено, ништо веќе таму не ме влече. Се сеќавам на Вуковар каков што беше во времето на мојата младост и тоа ми буди емоции. Сакам да ги сочувам тие слики, а не сликите од срушениот град", иѕјави пред иѕвесно време Михајловиќ на прашањето дали би се вратил во родниот град.
Во 2012. година, Синиша Михајловиќ во својата биографија која што му ја пишуваше Мирослав Гавриловиќ, раскажува колку тешко му паднала војната во Југославија.
 

„Најмногу под мој притисок, родителите ги спакуваа најнужните работи и се доселија во Белград. Ни се приклучи подоцна и брат ми Дражен. После до нас стигна веста дека нашата куќа во Борово е минирана и дека некој испукал куршум во мојата слика на ѕидот. Во тој грозен чин има извесна симболика, а пораката беше повеќе од јасна. Кој може да фрли бомба на нашиот дом? Кој и зошто пукал на мојата и на Драженовата слика? Тие прашања ме прогонуваа сè додека не ја дознав вистината. Тоа го сторил Стипе, мојот најдобар другар од детството кој го доживував како брат. Се видовме во 2000. година во Загреб. Дојде во хотелот и ме праша дали знам сè? Ми призна дека ја запалил куќата, но ги спасил моите родители. Му простив".