Чекор по чекор, потпис по потпис, „Бе-Фау-Бе“ го создава најталентираниот тим на денешницата. Спортскиот директор Михаел Цорк ги собра најголемите таленти во Европа и ќе биде тешко да ги сочува од најбогатите клубови.
Борусија Дортмунд денес можеби го нема најсилниот тим во Бундеслигата, но наскоро би можел да го има најдобриот тим на целиот континент. Последниот вундеркинд којшто потпиша со „жолто-црните“ е 17-годишниот Александер Исак кој за девет милиони евра дојде од АИК Стокхолм.
На тој начин Борусија Дортмунд во моментов располага со плејада неверојатни таленти: Александер Исак има 17 години, луцидниот Американец со хрватско потекло Кристијан Пулишиќ има 18, Феликс Паслак има 18, Турчинот со охридски корени Емре Мор има 19, Осман Дембеле има 19, Микел Мерино 20 и Јулијан Вајгл 21.
Покрај нив, тренерот Томас Тухел е на слатки маки и со докажаните првотимци: Рафаел Гереиро (23), Андре Ширле (26), Ерик Дурм (24), Марио Геце (24), Матијас Гинтер (23), Себастијан Роде (26), Свен Бендер (27), Шинџи Кагава (27), Пјер Емерик Обамејанг (27) и капитенот Марко Ројс (27).
Шлагот на тортата стигна синоќа кога БВБ ги победи конкурентите во трката за 17-годишниот шведски напаѓач Александер Исак кого во живо го следеле дури 60 клубови од Европа со преку 90 скаути.
Дортмунд го повтори успехот од летото кога пред очите на Манчестер Јунајтед, Челси, Барселона и Ливерпул го купи нереалниот талент Осман Дембеле од Рен за 15 милиони евра. Во меѓувреме навивачите на Дортмунд направиле и здравица за новиот договор на Пулишиќ кој веќе е стандарден првотимец и кој потпиша до 30. јуни 2020-та година.
Швеѓанецот Исак во Шведската лига постигнал 13 голови на 29 натпревари.
„Исак е неверојатно талентиран напаѓач кого го бараа многу европски топ клубови. Пресреќни сме и возбудени што се одлучи за Борусија Дортмунд. И играчот и клубот се уверени дека ова е голем трансфер“, изјави спортскиот директор Михаел Цорк за најмладиот стрелец во историјата на сениорската репрезентација на Шведска.
Исак стана најмлад рекордер на 12. јануари годинава на мечот Шведска - Словачка.
Михаел Цорк е архитект на овој перспективен тим. Откако пред неколку сезони се најдоа пред амбисот од пропаста и за малку ја избегнаа Цвајта, „Милионерите“ од Дортмунд минатото лето конечно се стабилизираа.
Продадоа шест играчи и заработија 111 милиони евра, а набрзо донесоа 12 нови фудбалери за околу 121,1 милиони евра. Најголем дел од долговите Дортмунд ги врати после продажбите на Михтарјан во Манчестер Јунајтед за 42 милиони евра, Матс Хумелс во Баерн за 35 милиони евра и Илкај Ѓундоган во Сити за дури 27 милиони евра.
Сите овие зделки беа дело на Михаел Цорк кој на „Вестфален“ ги потпиша Мерино од Осасуна за 3,75 милиони, Исак за 9, Емре Мое за 9,75, Гереиро и Роде по 12, Дембеле 15 а Марио Геце 22 милиони евра.
За тоа каков тим Дортмунд може да има во иднина покажува и идејата на тренерот Тухел сезонава во екипата да стави само тројца играчи кои на нагазија 30-та како на пример искусниот голман Роман Вајденфелер и двајца по 31-година Адриан Рамос и Лукас Пишчек. За предводеник на новата генерација талентирани деца се смета Јулиан Вајгл кој веќе е стандарден германски репрезентативец. Од почетокот на сезоната Вајгл одигра 1.826 минути и со 22 години е лидер.
За неговиот потпис Цорк во 2015-та на Минхен1860 му плати само 2,5 милиони евра а веќе на големо се шпекулира дека него сериозно го сакаат Реал Мадрид, Манчестер Сити и Барселона. Од таа причина пред крајот на минатата година Цорк му ја зголеми платата на Вајгл кој сега зема 60.000 евра неделно.
Борусија Дортмунд во блиска иднина би можела да има состав од 11 пеколно талентирани фудбалери: Бурке (26) - Паслак (18) - Гинтер (23) - Бартра (26) - Гереиро (23) - Вајгл (21) - Мерино (20) - Пулишиќ (18) - Мор (19) - Дембеле (19) - Исак (17).