
Младата екипа на Алкалоид која игра сјајна европска сезона и веќе совлада неколку реномирани екипи, вечерва му беше на гости на тимот кој има френетична поддршка од трибините. Навивачите на АЕК се светски познати по нивната фанатичност.
Но тоа не им сметаше на ракометарите на Алкалоид да играат храбро, борбено и ефикасно пред 9.000 противнички навивачи ривалски настроени.
Во салата „Сунел Арена“ АЕК отвори со 2-0 но Алкалоид брзо се врати и поведе со 5-6. Од тој период следуваше игра гол за гол, на секое водство на домаќинот, Алкалоид враќаше, и обратно.
Кога на семафорот истекуваше 24' минута АЕК постигна два гола во серија преку Туре и Матиќ и поведе 14-12. Грчкиот состав е право шаренило со интернационалци од преку десет земји.
Во тој момент Кире Лазаров повика тајм-аут па Алкалоид направи неверојатна серија од четири погодоци со головите на Велкоски, Маркоски, Митев и Франциско и на полувреме замина со водство 14-16.
Во вториот дел македонскиот претставник заигра како во добар дел од европските настапи сезонава, поведе и со +3 гола па и со +4. При резултат 17-20 за скопскиот тим следеше мал прекин на мечот зошто Дамјан Митев на клупата беше погоден со пластично шише во глава.
Набрзо младиот голман Галевски кој брани се подобро одбрани пенал па со својата бурна прослава ги распали грчките навивачи кои пак фрлија канонада предмети. Имаше нов прекин, следуваше закана од спикерот дека мечот би можел да продолжи со испразнета сала но ситуацијата набрзо се стиши и ракометот продолжи.
На 15 минути пред крајот Алкалоид водеше 18-21, АЕК се врати на -1 но македонските ракометари одново заминаа на плус три. И покрај притисокот од трибините, младите ракометари останаа смирени а кулминација на мечот беше атрактивниот потег меѓу Мартин Велковски и Силва кој со прекрасен гол донесе водство 25-28.
На крај заслужена победа на „фармацевтите“ кои во Скопје носат одлична предност пред реваншот.
Најефикасен беше Мартин Серафимов со шест гола а Франциско Да Силва изброи пет гола од пет обиди. Младиот голман Иван Галевски одбрани дури пет пенали и вкупно имаше девет интервенции. И Марко Кизиќ бранеше одлично со 10 одбрани.