Манчестер Сити е нов владетел на Европа!

Во финалето на Лига на шампиони, на модерниот „Кемал Ататурк“ во Истанбул, Манчестер Сити го совлада Интер со 1:0 со голот на Шпанецот Родри и ја освои првата титула во Лига на шампиони во својата клупска историја.

Она што го внесе Интер на Мурињо и Пандев во вечноста во сезоната 2009/2010 сега им појде од нога на неверојатните Пеп Гвардиола и Манчестер Сити.

Триплета. Тројна круна. Освоени трите најважни трофеи во сезоната. Лига на шампиони, Премиер Лига и ФА Куп. Заслужено.

Љубителите на фудбалот вечерва гледаа витешка борба на стадионот „Кемал Ататурк“ во Истанбул а на крајот Манчестер Сити слави европска титула, а Интер ќе жали за пропуштените прилики во финишот да го однесе мечот во неизвесност.

Мечот пред преполни трибини почна со прекрасна кореографија на трибината со навивачите на Интер и со громогласна песна на оние од Манчестер.

Во стандарден состав, со најдобрите поединци излегоа и Пеп Гвардиола и Симоне Инзаги. Италијанскиот стратег, помалку очекувано, се одлучи да стои стабилно на своја половина, ја препушти иницијативата на Сити и чекаше контри и полуконтри.

„Граѓаните“ на средина од првиот дел останаа без својот лидер Кевин Де Брујне кој поради повреда мораше да излезе предвреме од игра. 

Тоа не им ги смени плановите на избраниците на Пеп Гвардиола кои и натаму бараа простор да го пробијат бедемот пред голот на Нигериецот Онана.

Првиот дел мина со безброј тврди дуели и прекини, без многу атрактивен фудбал, а за одбележување е шансата на Ерлинг Халанд кога Онана му одбрани силен шут.

На полувреме се замина без голови.

Во вториот дел повторно иста слика, нераѕурите се обидуваа да ги затворат сите приоди кон својот гол и во голем дел од мечот успеваа во тоа. Сепак, Сити не бил бил тоа што е, шампион во најсилната лига на светот, ако не најде рецепт и за таков бедем.

После една шанса пред голот на освојувачот на Копа Италија, топката се одби и стигна до Шпанецот Родри кој маестрално пласираше во небранетиот дел од мрежата на Онана и Сити заслужено поведе со 1:0.

До крајот од мечот Интер имаше пар неверојатни шанси, особено онаа со глава на Лукаку кој од непосредна близина шутираше во голманот Едерсон.

Сити успеа да го сочува водството и да стане европски шампион. Ова е прва европска титула во Лига на шампиони за клубот чиј претседател после речиси цела деценија за првпат дојде во живо да го гледа својот тим.

Триплета за Пеп Гвардиола и Сити. Заслужено.

ПЕП ГВАРДИОЛА Е ПРВ ТРЕНЕР ВО ИСТОРИЈАТА СО ДВЕ ТРОЈНИ КРУНИ

Најдобриот тренер на денешницата влезе во историјата како прв со две тројни круни во кариерата. Тоа му успеа во суперсезоната со Барселона во 2009-та кога маестрално ги водеше Каталонците до три трофеи.

Манчестер Сити го освои најдрагоцениот пехар од Лига на шампиони од втор обид. Во 2021-ва исто беа фаворити против Челси, но тогаш сините предводени од Томас Тухел стигнаа до тројфеот.

За „граѓаните“ од Манчестер ова е втор евро пехар во историјата. Претходно го освоија Купот на Куп победници во 1970-та.

Манчестер Сити има 32 трофеи во клупската историја а ова им е јубилеен 20-ти од 2008-ма со новата управа под водство на шеиците.

За тој период станаа хегемон во Англија и освоија седум титули во Премиер лига, три ФА Купа, шест Лига Купа и три Супер купа.

За нов евротрофеј Сити ќе се бори во Суперкупот на УЕФА, против Севиља на 16-ти август во Атина, а шанса за потврда на доминацијата ќе имаат и на Светското клупско првенство во Саудиска Арабија (од 11-ти до 23-ти декември).

10 јуни 2023 - 23:05