Мамиќ и официјално свирна крај во Динамо Загреб и фудбалот

Човекот кој направи балкански гигант, мајстор за трансфери, дрзок и безобразен со новинари, многу вешт, харизманичен, арогантен, авторитет број 1 во хрватскиот фудбал со статус на бегалец веќе пет години во БиХ, се одјави од фудбалот.

Здравко Мамиќ реши да се збогува со Динамо Загреб и општо со фудбалот, барем така вели во интервју за glassrpske.com, иако со него никогаш не знаеш на што си.

Ќе биде запаметен како алфа и омега во Динамо Загреб, шериф на Максимир или како што за себе вели, креатор на модерниот хрватски фудбал.

Се откажува целосно од клубот со кој дишеше како функционер од 2003-та. Од една страна го направи екипиште кое редовно почна да игра во групната фаза во ЛШ и ЛЕ, а од друга страна успеа да ги направи најскапите трансфер на екс ју просторите.

Тие всушност го направија богат и клубот и него и токму поради малверзации со трансфери им избега на хрватските власти.

Признава дека смртта на неговиот кум Мирослав Ќиро Блажевиќ била знак да забави и да се фокусира на себе.

„Преку ова интервју се збогувам со Динамо и хрватскиот фудбал. Да не беше смртта на Ќиро Блажевиќ, ќе одржав прес-конференција и официјално ќе се поздравев. Во емотивна смисла, никогаш нема да се откажам од Динамо, тоа е мојот живот, но што се однесува до мојата работа и учество во која било управа, тоа е апсолутно минато. Нема повеќе да се занимавам со Динамо и со фудбалот воопшто. Ќе бидам само обичен навивач. Смртта на Ќиро ме потресе најмногу во животот. Иако и татко ми почина, мислам дека ова ми остави најголем печат во ова време. Некои работи кои до сега не ги разбирав добро, по смртта на Ќиро мислам дека ги разбрав и моето збогување со фудбалот е конечно“, вели Мамиќ.

Видно ве потресе смртта на Ќиро Блажевиќ. Неодамна почина и Синиша Михајловиќ.

Ќиро го запознав во 1981 година кога беше тренер на Риека пред да се пресели во Динамо. Една година подоцна дојде во Загреб. Толку многу се зборуваше и пишуваше за таа 1982-ра година кога на „Максимир“ ја донесе долгоочекуваната титула шампион на Југославија. Тој беше и кум на мојата свадба и оттогаш 40 години сме поврзани на различни начини. Исто така, ме изненади и смртта на Синиша. Секогаш се прашувам како се случува тоа. Имам чувство дека секој ден се збогувам не со една личност, туку со повеќе. Се работи за тоа што сме стари, конкретно јас. Живеев во времето на тие големи луѓе Ќиро, Миха, неодамна не напуштија Миодраг Јешиќ, а пред тоа плејада хрватски тренери, Златко Крањчар, Шпачо Поклеповиќ, Томислав Ивиќ... Сите тие луѓе беа дел од нашите животи и мислам дека тоа е генерациско прашање, а не некакво минато. Ретко се појавуваат нови генерации на такви луѓе. Би рекол дека денес има инстант производи, инстант луѓе, инстант тренери на сцената. Мислам дека никогаш нема да има други гигнати кои на таков начин траеа толку долго. Ќе недостига нивната харизма.

Како го гледаш Динамо без тебе? Сигурно е дека останува голема празнина.

Што и да се случи, животот продолжува. Нема незаменливи. Секако дека можев уште многу, без разлика што мојата ситуација е специфична, пет години сум во БиХ. Од оваа позиција можев многу да му помогнам на Динамо и на хрватскиот фудбал. Гледам дека луѓето што ги создадов мислат дека можат да работат подобро од мене, дека не им требам. Зошто да се туркам, немам никаква лутина, не се чувствувам изневерен или продаден. Сепак, не сакам повеќе да учествувам во ниту еден процес во Динамо и хрватскиот фудбал.

Значи не ве интересира исходот од претстојното Собрание на клубот закажано за март?

Во однос на мојата вклученост, не. Во смисла на човек кој го сака Динамо и би сакал да продолжи по патот по кој работевме јас и мојот тим, исто не ме интересира.

До каде стигна судскиот процес што се води во Хрватска против вас?

Сè уште ме судат во Хрватска. Сепак, не сум оптоварен. Сигурно нема да се вратам во Хрватска. Го чекам исходот од мојата тужба во Стразбур. Мислам дека ќе биде усвоена оваа година, за да добијам морална сатисфакција. Ќе биде што ќе каже Бог, не се замарам со тоа.

Кои се вашите идни планови, дали ќе продолжите да живеете во Босна и Херцеговина, без оглед на исходот од судењето во Хрватска?

Планот ми е да живеам во БиХ до крајот на животот и да живеам што поквалитетно. Апсолутно повеќе не ме интересира фудбалот. Каков и да е судскиот или кој било друг исход, ќе продолжам да живеам во Босна и Херцеговина.

Пред ова интервју, за Моцарт два и пол часа раскажуваше гачки:

Како Мамиќ го открил Гвардиол и направил „лицитација“ меѓу Лидс и Лајпциг?

Кога богатиот Евреин сопственик на Тотенхем му наплатил дресови на Мамиќ

13 февруари 2023 - 13:22