Први на сцена денес ќе стапат фудбалерите на Металург против нивниот стар должник Карабах пд Азербејџан. Во четврток освојувачот на купот Тетекс, ќе го пречека ерменски Пјуник, а Хоризонт Турново своето европско деби ќе го има во Литванија на гостувањето против Судува.
Само за изборувањето на место во квалификациите, без разлика на остварениот резултат, трите македонски претставници во Лига Европа ќе добијат по 100.000 евра. Секое наредно коло вреди по дополнителни 100.000 евра, а големите пари вредат по минувањето на четвртото квалификациско коло, односно плеј-офот. Со пласманот во групната фаза екипите добиваат по 1,3 милиони евра.
За секоја победа во групната фаза се добиваат по 200.000 евра, за нерешено по 100.000, победникот на групата добива дополнителни 400.000, а второпласираниот 200.000 евра.
Пласман во осминафиналето вреди 350.000, четвртфиналето 450.000, полуфинале 1 милион, а пласман во финале вреди 2,5 милиони евра. Освојувачот на Лига Европа добива дополнителни 5 милиони евра.
Поголема вредност секако има Лигата на шампиони. Македонскиот првак Вардар само за „добродојде" од УЕФА ќе добие 200.000 евра, а загарантирани му се и уште 140.000 евра колку што вреди настап во секое квалификациско коло.
Доколку Вардар успее да ја помине Стеауа, а потоа и противникот во третото квалификациско коло, за пласман во плеј-оф рундата ќе добие уште 2,1 милони евра.
Пласман во групната фаза вреди 8,6 милиони евра, за секоја победа се добива 1 милиони, а за реми по 500.000 евра.
Тоа значи дека само за пласман во групната фаза, дури и да ги загуби сите натпревари, секој клуб има загарантирани 10,9 милиони евра.
Пласман во следната фаза вреди 3,5 милиони, четвртфиналето 3,9 милиони, полуфиналето 4,9 а пласман во финале 6,5 милиони евра. Победникот на Лигата на шампиони добива награда од 10,5 милиони евра.