Јувентус денеска поднесе пријава до обвинителството во Торино во кое ги обвинува Наполитанците за вандализам за време на натпреварот Јувентус-Наполи одигран пред две недели во рамките на Серија А.
Тие регистрирале дека гостинските навивачи се однесувале недолично, искршиле 74 столчиња, фрлале со разни предмети кон навивачите на Јувентус, пукале петарди и повредиле четворица гледачи.
Во вид на казна дисциплинската комисија на Италијанската федерација одлучи во следното коло двете трибини да бидат затворени за гостински навивачи, но домаќините одбраа најсоодветен начин како да ги отворат.
Испратија допис до федерацијата во која бараат истите тие трибини да бидат отворени, за да сместат околу 6.400 деца кои ќе го следат натпреварот помеѓу Јувентус и Удинезе кој се игра на 1 декември.
На едната трибина ќе седат деца од основните и средните училишта, а на другата младите фудбалери кои се дел од фудбалските школи. Од клубот побараа и времето на одигрување на мечот наместо во 20:45 да се помести во 18:30 во корист на најмладите, а Фудбалската федерација веднаш во целост го поддржа и го одобри предлогот.
Иницијативата ќе биде од едукативен карактер, а децата ќе ги придружуваат и 30 аниматори кои ќе ги учат како да навиваат достојно, без употреба на дискриминирачки пораки на било каква основа. Младите навивачи ќе имаат можност да подготват и разни транспаренти кои ќе бидат поставени на натпреварот.
Од оваа одлична идеја нека учат и нашите спортски клубови, но и некои поединци кои седиштето го фрлаат на терен.