Македонскиот дијамант избрусен во фамилијарна слаткарница

21-годишниот фудбалер од средниот ред на италијански Наполи се очекува да биде водечка сила на македонската фудбалска репрезентација на првото Европско првенство за нас.

Две децении по воениот конфликт и меѓуетничките тензии во земјата, фудбалската репрезентација на Македонија како никој и никогаш порано ја обедини целата нација со историски пласман на ЕУРО2020, а еден фудбалер посебно ги освои срцата на сите навивачи“, пишува реномираниот Гардијан во прилогот за фудбалска Македонија пред Европско.

Угледниот лондонски медиум пишува:

„Израснат во еден од најнебезбедните делови на Скопје, мултиетничката населба Чаир во која едни покрај други живеат Македонци, Албанци, Турци и Роми, Елмас е роден на 24 септември 1999-та година во семејство на родители со турски корени. Татко му Џеват е сопственик на слаткарница. Денес, 20 години подоцна, Елиф Елмас стана клучна фигура во македонскиот состав кој ја обедини нацијата како никогаш порано. Малкумина знаат дека Елиф одлично знае да ги подготвува едни од најубавите македонски традиционални колачи и ако не станеше фудбалер, скоро сигурно ќе ја продолжеше семејната традиција. Но фудбалот победи“.

Во текстот на Гардијан, авторот потсетува на победничкиот гол што Елиф Елмас го постигна против големата Германија и прави една хронологија на кариерата на бисерот.

„Почнал да игра фудбал на седум години во маалскиот клуб Фенербахче Тефејуз. Случајно или не, 11 години подоцна потпиша договор со турскиот гигант Фенербахче.

Претходно тренирал фудбал и во школата на некогашниот играч на Вардар и македонски репрезентативец Јовче Џипунов.

Игор Ангеловски, селекторот на Македонија во тоа време го тренираше Работнички и токму тој инсистирал тогаш 12-годишниот Елиф да прејде во младинската школа на Работнички. После три години, на свои 15 години Елмас веќе бил интересен на Херенвен во Холандија и дури и бил направен прелиминарен договор да потпише договор кога ќе стане полнолетен на 18 години.

 

„Имаше некоја чудна магија во него. Неверојатна енергија, некој Х фактор на млади години кој ги привлече сите. Сјајно читање игра, мајстор за асистенции и феноменален финиш“, вели селекторот Ангеловски.

Интересно Работнички за Елмас на неговата претходна школа кај Јовче Џипунов плаќа неофицијално 400 евра за трансфер, а неколку години подоцна го продава околу 400.000 евра во гигантот Фенербахче.

Развојот на Елмас се забрзал под менторство на Ангеловски во Работнички. На само 16 години и 6 дена, во септември 2015-та Елмас дебитираше за првиот тим на Работнички во домашното првенство.

Следната сезона блеснува со 33 настапи, 6 гола и 7 асистенции.

Неговата преселба во Холандија никогаш не се случи. Во 2017-та Елмас созреваше играчки и на Европското првенство за играчи до 21 година во Полска кога доби повик од селекторот Боби Милевски кој изгради талентиран тим во кој беа и Енис Барди, Бобан Николов, Висар Муслиу и Дарко Велковски - сите денес важни и стандардни играчи кои ќе одат на сениорско Европско првенство.

Елмас со 17 години беше најмлад играч на Македонија на тоа Европско У-21 во Полска и ги одигра сите три меча во поразите од Португалија, Шпанија и ремито 2-2 со Србија.

Пред да отпатува на тоа младинско Евро У-21, дури и тогашниот селектор на Турција Фатих Терим го побарал Елмас и го прашал за која земја ќе реши да игра. Елмас ја одби понудата на Терим и оваа одлука се испостави како клучна зошто веднаш по Европското У-21, селекторот на Македонија Игор Ангеловски го повика Елиф во сениорскиот состав за мечот од квалификациите против Шпанија во Скопје.

Во ситуација кога го бараа големи европски клубови, Фенербахче преку првиот македонски кошаркар кој играл во НБА, Перо Антиќ, помогнал да се заврши договорот. Елиф Елмас потпиша 5-годишен договор. Интересно Елмас на турски значи „дијамант“ па Фенербахче имаше буквално скапоцено засилување.

Откако блесна во турскиот фудбал, после две години Елмас и неговото семејство одново требале да ја разгледаат следната преселба. Заинтересирани за него беа клубови како Јувентус, Интер, Наполи и Тотенхем. Дури и имало усмен договор со Интер кој пропаднал по доаѓањето на новиот тренер Антонио Конте кој ги стопирал сите трансфери договорени пред него.

Еден од менаџерите на Елмас, Никола Ѓошевски се сеќава на периодот кога Елиф го барале неколку клубови:

„Бевме на финална средба со Фенербахче во Истанбул и заедно разгледувавме која понуда да ја прифати. Тогаш неочекувано заѕвони Карло Анчелоти, харизматичниот тренер на Наполи (сега во Реал Мадрид) кој побара лично да збори со Елмас. После овој разговор Елиф ни кажа: „Одам во Наполи“.

Наполи му плати на Фенербахче 16 милиони евра а со Елмас договориле годишна плата од 1,3 милиони евра. Останатото е историја. Преку плејофот на Лига Нации, Македонија обезбеди историски пласман на Евро2020, а Елмас стана незаменлив дел од репрезентацијата.

Инаку, текстот на „Гардијан“ е направен како дел од соработката со спортски медиуми од земјите учеснички на ЕП. Како автор на овој текст е потпишан колегата Владимир Булатовиќ од „Екипа“.