Во историјата на македонската Прва фудбалска лига продефилирале стотици странци, но од нив не можат да се издвојат ни 10 имиња кои навистина отскокнувале и се издвојувале со квалитетот во однос на нашите фудбалери. И додека во нашите тимови играат рибари собрани од плажите во Бразил, четвртолигашки фудбалери од Србија и модни дизајнери од Гана, нашите млади фудбалери ги греат клупите или се откажуваат од фудбал затоа што не добиваат шанса.
Затоа нашиот фудбал тоне, е онаму каде што тактиката е дијаметрално различна, фудбалот „цвета". Веќе пишувавме за тоа како германскиот фудбал произведува таленти, а слична тактика имаат и Норвежаните кои синоќа не поразија на пријателски натпревар.
9 мај беше посебен ден за норвешкиот фудбал. Двајца 15-годишници дебитираа за Молде и Бран во норвешката лига. Но тие не се ни најмлади дебитанти. Минатата сезона во лигата дебитираше Зимер Битики на 15 години и 261 ден.
Ваквите примери стануваат редовна практика за норвешките клубови од 2009-та година кога финансиската криза го погоди и нивниот фудбал. Се до тогаш, тие увезуваа странци, но финансиската криза ги примора да се насочат кон фудбалските школи и да им дадат шанса на своите млади играчи.
Во лигата има се повеќе тинејџери кои имаат одиграно и по 50-тина натпревари за првиот тим и тие веќе се искусни фудбалери и зрели за да настапат во репрезентација или да направат трансфер во странство.
Вегар Еген Хедестад во 2009-та година на 17 години стана редовен првотимец на шампионот Стабаек, по што направи трансфер во Фрајбург. Ваљон Бериша кој важи за еден од најголеите норвешки таленти, дебитираше за Викинг на 17 години. Маркус Хенриксен беше првотимец на Розенборг на 17 години и направи трансфер во АЗ Алкмар. Андерс Конрадсен играше во првиот тим на Бодо/Глимт на 18 години, а сега е член на француски Рен.
Хавард Нордвеит стана главна ѕвезда на норвешкиот фудбал на само 22 години. Тој дебитираше за Хаугесунд на 16 години, по што Венгер го прибра во Арсенал, а од 2010-та година е главен организатор на играта на Борусија Менхенгладбах.
Сите тие сега се дел од сениорската репрезентација на Норвешка, но не настапија синоќа на пријателскиот натпревар против нашата репрезентација затоа што во моментов се дел од младинската репрезентација на Европското првенство за фудбалери до 21 година во Израел.
На тоа Европско првенство се видоа вистинските резултати од новата стратегија на Норвежаните со фокусирањето кон младината. Нивната младинска репрезентација е вистински хит на првенството, елиминирајќи ја Англија и домаќинот, со што идните ѕвезди на норвешкиот, но и европскиот фудбал се пласираа во полуфиналето.