Четврти пораз на Македонија во серија и по четврти пат нашите фудбалери не постигнаа погодок. По двата порази на квалификациските натпревари против Белгија, фудбалската репрезентација загуби и на двата контролни натпревари од скандинавската турнеја.
Македонија имаше голема шанса на самиот старт кога Ивановски одлично ја смири топката со гради и ја насочи кон Шумуликоски кој биеше над голот.
Но по само 9 минути игра Норвешка поведе со 1:0. Ејунуси прими топка по левата страна, а неговото додавање удри во раката на Тодоровски и го измами Пачовски, по што на Скејлбред не му беше многу тешко да ја внесе топката во нашата мрежа.
Темпото во продолжението значително опадна, а Норвежаните искусно ја користеа нашата безидејна игра и го контролираа текот на натпреварот.
На стартот од второто полувреме Македонија ја имаше најголемата шанса на натпреварот преку Ферхан Хасани кога во 53-та минута одлично ја прими топката во шеснаесетникот и искочи сам пред голманот, но неговиот удар заврши во стативата.
Во 60-та минута од натпреварот нашата репрезентација остана и со фудбалер помалку кога Бобан Грнчаров најпрвин заработи жолт картон за влечење на противнички играч, а потоа и непромислено и агресивно реагираше кон судијата кој му го покажа патот кон соблекувалната.
Победата за домаќините ја осигура Даниел Братен кој прими топка во шеснаесетникот и искочи сам пред Тофилоски кој беше немоќен да го сопре неговиот удар.
Во последните минути од натпреварот домаќините се опуштија и отворија простор за нашите фудбалери.
Шанса да го ублажи поразот на 3 минути пред крајот имаше Јаховиќ кој по контра напад се најде сам пред противничкиот голман, но се сплетка во клучниот момент.