Не мора да одиме многу далеку за да видиме како функционираат успешните фудбалски клубови. Доволно е само да ги следиме трансферите на балканските клубови.
Клубовите од Србија, Хрватска и Бугарија вложуваат во своите младински школи и произведуваат талентирани фудбалери или пак имаат одлични скаути и носат квалитетни странци. Подоцна истите фудбалери се продаваат во поголемите клубови во Европа за суми колку 10 годишни буџети на македонски клуб.
Нашите клубови не само што не произведуваат многу квалитетни младинци, туку и немаат скаути за доведување талентирани странци, па и тие млади фудбалери кои ги имаат во своите тимови патат заради потпросечните третолигашки странци.
Но овој зимски преоден рок, нашите клубови и нивните тренери се надминаа себеси. Помеѓу фудбалерите кои треба да ги „засилат" фудбалските клубови се истакнуваат имињата на Адриан Кекец, Домагој Барач и Осеи Кофи.
Некои медиуми, најверојатно по заслуга на лошата информираност на луѓето од ФК Пелистер, се обидоа да го претстават нивното ново засилување како хрватски интернационалец со име Андрија Кеко, но тој се вика Адриан Расел Кекец. Во својата кариера овој фудбалер има одиграно само 21 минута професионален фудбал и тоа пред 5 години во Словенија. Од тогаш има настапувано за универзитетски тим од Канада и хрватските нисколигаши Слога Мравници и Солин.
Фудбалскиот клуб Дрита се пофали со трансфер на фудбалер од Хајдук Сплит. Точно, 22-годишниот напаѓач Домагој Барач е член на хрватскиот гигант, но тој нема настапено ниту една минута за овој клуб, ниту за некој друг професионален клуб. Во целата своја кариера тој бил позајмен на хрватски третолигаши.
Врв на аматеризмот е трансферот на Осеи Кофи во најтрофејниот македонски клуб. При неговото ангажирање, тренерот на Вардар, Никола Илиевски - Џиџи изјави:
„Него го следев и се работи за искусен фудбалер кој ја поминал младинската школа на Хамбургер, а потоа бил и во Андерлехт, од каде бил отстапен да игра во Втората лига на Белгија."
Господине Илиевски, ова е ера на интернетот. Зарем вие или некој друг од ФК Вардар не се потруди да го побара неговото име на Гугл? Зошто сте дозволиле некој менаџер да ве прелаже и зошто си играте со вашето и со реномето на актуелниот шампион и најтрофеен фудбалски клуб во Македонија?
Осеи Кофи не само што не ја поминал младинската школа на Хамбург (бил во клубот кога имал 11 години), тој не бил во Андерлехт, ниту бил позајмен во белгиски второлигаш, ниту пак некогаш во својата кариера играл повисоко од 4-та германска лига. Тој веќе неколку години е без ангажман и за да преживее има други преокупации (желба му била да биде моден дизајнер).
Нашите тренери и луѓето задолжени за трансфери се премногу наивни или менаџерите кои ги носат овие фудбалери се премногу добри лажговци?