Германија во моментов е во самиот врв на европскиот фудбал со два клубови во полуфиналето на Лигата на шампиони, но и според развојот на млади таленти. Озил, Геце, Милер, Ројс, Крос, Хумелс... се само дел од „златната генерација" на Германија.
Концептот за „златната генерација" која во моментов ја има германскиот фудбал, не е само случајност како во минатото кога повремено ќе се појавеше некој талент.
Моменталната состојба во Германија е поинаква. Германците долги години активно работат и инвестираат, а оваа стратегија почна да им се исплаќа.
Клубовите од Бундеслигата почнаа да работат на младинците со реформите во 2001-та година. Репрезентацијата на Германија освои само еден поен на Европското првенство во 2000-та година, а националниот тим беше составен од претежно постари фудбалери. Дури еден Лотар Матерус на 39 години беше стартер на сите натпревари.
Германската федерација воведе неколку закони, помеѓу кои и оние за младинските академии. Секој професионален фудбалски клуб мора да има младинска академија, а строгите закони вклучуваат и неколку услови за стручноста на тренерите кои ќе работат со младите таленти, па дури и за тоа какви рефлектори треба да има еден терен за тренинг.
Во еден извештај од 2011-та година се вели дека од 2002-та до 2010-та година во младинските академии се инвестирани 520 милиони евра. Во тој период просечната старост на фудбалерите од Бундеслигата паднал од 27,09 на 25,77 години.
Вложувањата се исплатеа. Озил, Милер, Геце, Ројс, Крос, Хумелс, Драклсер, Холтби, Мејер, Леитнер, Шурле... се само дел од листата на продукти на германската стратегија, а оваа листа допрва ќе се надополнува.