Македонската фудбалска репрезентација се намачи на гостински терен против Лихтенштајн кој од што толку знае да игра фудбал и може да парира, немаше друга опција освен да се брани постојано на своја половина.
Избраниците на Игор Ангеловски веднаш ја наметнаа својата иницијатива и постојано доминираа на стадионот Рајн парк, но тешко им одеше кога требаше да стигнат до реализација.
По неколкуте неискористени шанси во првиот дел, Македонија го отвори резултатот во 53-та минута, а стрелец на голот беше Енис Барди, кралот на слободните удари од шпанскиот фудбалски шампионат.
Горан Пандев исто како и на претходните натпревари во Лига на Нации, повторно беше главна алка во играта на нашиот национален тим и лидер кој ги кроеше опасните напади пред голот на противникот.
Но поради жолти картони за жал ќе биде суспендиран на дуелот против Гибралтар кој се игра в понеделник во Скопје со почеток од 20:45 часот.
Капитенот при крајот пропушти 100% шанса откако по едно додавање на Несторовски го издрибла голманот на мал простор, но не го погоди голот од косо. Во судиското продолжение триото од Италија ја запечати победата на Македонија.
Пандев го пронајде Трајковски во шеснаесетник, а овој му асистираше на Несторовски за конечни 0:2.
Со победа против аутсајдерот Гибралтар и дефинитивно ќе ја оствариме целта, а тоа е полуфинале во плејофот за ЕП 2020 на домашен терен.