Само година и пол после незаборавниот триумф на гости во плејофот за Светско, Македонија повторно извади позитивен резултат и со голчише на Барди од слободен удар на 10 минути до крај, се избори за големо реми против Италија.
Пред полниот Градски стадион на кој крцаа трибините со вкупен број од 28.000 гледачи, со исклучок на источната трибина на која имаше околу 50-60 италијански навивачи, Италија не ја оправда фаворитската улога ниту во квалификациите за ЕП 2024.
Гостите беа поопасни и имаа многу повеќе од играта, а тимот предводен од Боби Милевски, кој меѓу првите 11 изненади со Јован Манев во одбрана и Агон Елезни во среден ред, играше повлечено и ја чекаше својата шанса од контри.
Првата опасност на мечот се случи по 15 минути игра кога Кристанте, по одлично изведен корнер биеше со глава покрај гол. Само четири минути подоцна Градски беше на нозе. Алиоски му украде топка на Ди Лоренцо и по еден брз спринт по лево, го пронајде Миовски на глава кој од пет метри пропушти голема шанса да го отвори резултатот.
Веќе во следниот напад се случи најголемата шанса во првиот дел кога Тонали излезе сам пред Димитриевски, но ја погоди стативата. Италија се избори за корнер, а нова шанса за гол имаше повторно Кристанте кој биеше во голманот.
Во 32 минута публиката одново потскокна кога Алиоски упати опасен шут кој беше навреме изблокиран од Манчини. Тоа беше всушност единствениот играч преку кој можеа да се забележат опасности пред голот на Донарума во првиот дел.
Барди делуваше целосно отсечен, исто како и Елмас кој првиот удар кон гол го имаше во 38 минута, но тоа беше лесен плен на Донарума.
Италијанците на пет минути до крајот на првиот дел имаа нова 100% шанса преку Политано, но на место беше Муслиу кој спаси чист погодок.
На самиот старт на второто полувреме, капитенот Чиро Имобиле стрелаше уште во својата прва прилика на мечот.
Македонија се мачеше да створи игра и поседот на топка повторно беше кај Италијанците. Првата закана стигна по дури 22 минути игра во второто полувреме, кога Елмас прво помина двајца во шеснаесетник за воздишки на трибините, но не успеа и трет по кој ќе имаше отворен пат кон голот. Потоа се обиде од 20 метри, но биеше покрај гол.
Моментот за екстаза за македонската публика беше 81-ва минута, кога Енис Барди се намести на неговата омилена позиција за удар, а тоа се слободните удари. Донарума беше немоќен, македонските навивачи збеснаа од радост.
Македонија и натаму останува четврта со 4 бода, исто колку што има Италија, но со меч помалку. Украина е втора со 7, а Англија лидер со 13 бодови.