Швеѓаните ја надиграа нашата репрезентација и беа подобар противник во текот на целиот натпревар, но избегнавме повисок пораз благодарение на неколкуте сигурни одбрани на голманите Пачовски и Наумовски.
Стрелец на единствениот погодок беше Александар Качаниклиќ по асистанција на Ибрахимовиќ во 39-та минута.
За младиот Качаниклиќ прв пат напишаа колегите од MacedonianFootball, а потоа Утрински весник успеа да стапи во контакт и со неговиот татко Зоран. Тој е роден во скопје и преку 45 години живее во Хелсинборг.
Токму таму Александар ја започна кариерата, а во 2007-та година се пресели во младинската академија на Ливерпул каде помина 3 години по што се пресели во Фулам.
На почетокот на минатата година тој беше позајмен во членот на англискиот Чемпионшип, екипата на Ватфорд, каде постигна гол на дебито, а откако импресионираше и на следните неколку натпревари, Фулам реши да си го врати во своите редови и тој на 30 март дебитираше во Премиер лигата против Норич.
За сето тоа време Александар настапуваше за младинските репрезентации на Шведска, но можеше да настапи и за Македонија затоа што неговиот татко е роден во Скопје, се до 12 октомври 2012 кога тој дебитираше за сениорскиот национален тим на Шведска.
Така Александар Качаниклиќ стана уште едно име од листата на која се наоѓаат Блерим Џемаили, Александар Игњовски, Пајтим Касами, Адмир Мехмеди... но заради недоволната ангажираност на надлежните од ФФМ и незаинтересираноста за настап за послабо рангирана репрезентација, тие решија да ги бранат боите на други земји.