Денес Ариел ги тренира резервистите на Ривер Плејт и им раскажува за првите чекори во својата кариера. „Кај ќе играш на 50 Степени, памет немаш“, му викал татко му Антонио Ортега, но и натаму го возел секоја недела на турнирите каде малиот заработувал и до 300 пезоси дневно (1000 денари).
Ариел се занимавал и со рагби, но на 12 години го избрал фудбалот. Неделниот турнир го пропуштил еднаш - кога отишол да го гледа гостувањето на Ривер Плата во градот.
Десет години подоцна, Ариел го прашал Пато Фиљола, тренерот на голманите во репрезентацијата на Аргентина: „Памтиш ли Пато како едно дете во Ледесма викаше по тебе од трибините, а ти му мафна со раката? -Да не беше ти“, се зачудил Фиљол на прашањето на бројот 10 тогаш во репрезентацијата.
Посмешно било на 27. декември 1990 година, кога тренерот на Ривер Плејт, Хорхе Бусти прашал неколку кандидати на проба кој сака да игра во нападот и видел стотици кренати раце. Приемниот испит за Ортега на теренот траел 15 минути по што следувало студено: Фала, ќе ти ѕвониме, чао.
После еден месец: поштар на велосипед, писмо од Буенос Аирес, мрачен хотел, мувлосани дамки на таванот, ни радио, а камоли телевизор.
Една година подоцна - Ариел Ортега заиграл пет минути во првиот состав, го заменил Клаудио Спонтона во Платенсе а за неколку месеци Ривер станал шампион. Меѓу наградените бил и Ортега кој добил професионален договор и го преселил семејството во Буенос Аирес.
Сестрите отишле на факултет, едната учела биохемија, а втората англиски. Татко му добил работа како заварувач на славниот стадион „Монументал“ каде играл Ариел.
Антонио одел на работа, но не се претргнувал, затоа што Ариел заработувал десет пати повеќе од татко му. Набрзо од соиграчот во Ривер, Леандро Астрада купил Suzuki Vitara. Да вози учел секоја недела, а почнал да вози и без дозвола. Полицијата во Буенос Аирес го препознавала и не го застанувала.
Се прославил во земјата после голот против Бока кога Ривер после цели осум години славеше на теренот на смртниот ривал. Навивачите на Бока го гаѓале со јајца од трибините, а оние на Ривер го сметале за нов идол.
Пред Светското 1994 во САД, се повредил бекот на Аргентина Дарио Франко и селекторот Коко Базиле на негово место го повел полушпицот Ариел Ортега. Пред собирот за една пријателска, во хотелот помошникот на Базиле, Ечеверија ги давал клучевите од собите и кога сите се разотишле, останале двајца: Ортега и Марадона. Диего сакал соба без соседи, но кажал: „Малиов не може да биде сам. Преселете го кај мене“.
Месец дена подоцна Марадона даде гол после страшна акција на Светското против Грција и на 10 минути пред крајот беше заменет со Ортега:
На следниот меч против Нигерија, Ортега не играше, а следното утро слушнал од стоперот Ернан Диаз: „Денес нема тренинг. Ни дадоа слободно после победата“. Ариел ги спуштил рамениците и се вратил во кревет.
Не за долго, му затропал некој на вратата: „Копиле едно, зошто не тренираш, викал помошникот Ечеварија. Еден Марадона тренира, а ти се излежуваш пред телевизор“. Диаз ја признал суровата шега, Ортега му простил а Марадона следниот ден паднал на допинг и неколку часа плачел во собата: „Ми ги отсекоа нозете“!
За Марадона Мундијалот заврши, но за Ариел почна главното. Новиот селектор на репрезентацијата Даниел Пасарела изгради страшен среден ред од неговите играчи од Ривер: Ортега, Алмеида и Гаљардо. Со овие играчи кои беа заклучувани во воениот камп Вила Мартели ги освои Панамериканските Игри, а потоа и сребро на Олимпијадата 1996. година каде играчите пак живееле во изолација.
Тренирале далеку од Олимпиското село и другите спортисти а тоа “ни паѓаше потешко и од поразот во финалето“, напишал во својата автобиографија Ортега кој постигна преграсен гол во Вашингтон против Португалците.
На еден месец пред Игрите во САД, Ривер стигнал до финалето на Копа Либертадорес каде ги чекала колумбиската Америка. Пред мечот, капитенот на тимот Енцо Франческоли (Зидан во негова чест го крсти првиот син Енцо), побарал збор од тренерот Рамон Диаз и рекол:
„Ова е моја последна шанса да го освојам големиов трофеј. Помогнете ми како знаете“.
Во шестата минута Ортега го проигра Хернан Креспо а овој стрелаше прецизно и Ривер победи. После шест месеци, Ариел го разбудил некој на врата и кога отворил го видел претседателот на клубот Алфредо Давиче: „Валенсија за тебе дава 15 милиони долари, но ако не го продолжиш договорот со нас ќе те земат бесплатно“.
Агентите го убедувале да не го продолжи договорот и да земе милиони за раскинување на истиот, но тој не сакал да му наштети на саканиот клуб. Тренер на Ортега во Валенсија му беше Аргентинецот Хорхе Валдано кој и покрај забраната на шпанските клубови да ги пуштаат играчите на квалификациите за своите земји, го ослободувал Ортега но тоа подоцна ќе го чини отказ.
Во последниот меч за Ривер, Ортега го навредувал судијата поради што добил црвен картон а суспензијата му важеше и во Шпанија, така што на крајот дебитираше на мечот против Севиља каде се прослави со два гола и асистенција.
Но седумте гола за два месеци во Валенсија не го сочуваа од празен од кај новиот тренер Клаудио Раниери кој не го сакал слободното размислување на Ортега.
На шест месеци до Мундијалот во Франција ’98, Ариел побара или да игра или да го пуштат да замине, а Раниери му ветил: „Утре ќе бидеш во нападот со Влаовиќ и Лопез“. Тимот стигнал на Местаља, Раниери го читал составот, но Ортега не го слушнал своето презиме, ја земал торбата и отишол дома - живеел на само пет блока од стадионот.
Раниери го помилува во второто полувреме од јануарскиот меч против Барса кога од 0:3 направија пресврт и победија 4:3 а победничкиот гол во последната минута Ортега го прослави така што го соблече дресот, доби втор жолт картон и одново испадна од составот.
Не се врати во Валенсија после заминувањето во репрезентацијата и во Буенос Аирес се спремал за Светското првенство. Секое сабајле тренирал во паркот Палермо. Пасарела го зема во Франција - не можеше да не го викне после фасцинатниот гол на пријателската против Ирска.
Ортега во Франција леташе на синото небо. Даде два гола од пет против Јамајка, пеел во автобусот „Vamos, vamos, Argentina!“ после победата над Англија во 1/8 финалето.
Четири дена подоцна при резултат 1-1 со Холандија во четвртфиналето, Ортега го предводеше секој напад на Гаучосите. На три минути пред крајот во еден дуел со Јап Стап, Ариел падна но не доби пенал а бурно реагираше Ван дер Сар кој му се пушти на „Ел Бурито“. На малиот напаѓач не му требаше многу и со глава го удри голманот поради што доби втор жолт картон и го исклучија.
(„Падна како да пукав во него со базука“), изјави Ортега во интервју за Clarín. Само што влегол во соблекувалните, трибините се затресле. „Кој даде гол“? го прашал редарот -„Холандија“, му одговорил овој.
Тоа беше во јули во Марсеј 1998-ма, а во ноември Ел Бурито се најде во друг приморски град, Џенова каде навивачите на Сампдорија го пречекаа на стадионот „Мараси“ со огромно знаме со неговиот лик. Никој во Европа не го третирал Ортега како тогаш младиот тренер на Дорија, Лучано Спалети. Му давал целосна слобода а овој му враќаше со асистенции до Монтела и Палмиери кои дадоа 28 гола заедно.
Најдобро функционираа со Монтела во март против Интер кога Ортега му намести два гола на сегашниот тренер на Милан, а во вториот дел даде нереален гол за 4:0 и го натера тренерот на Интер Мирчеа Луческу да го менува голманот.
Дури ни дома не му било така удобно како во Џенова каде го сметале за прв наследник на Марадона во италијанскиот фудбал, а тој планирал да игра во Сампдорија до 30 години како Диего во Неапол. Но не било се така розово. Сампдорија завршила 16-та, испаднала од Серија А, поради што сопственикот на клубот Енрико Мантовани бил приморан да го продаде Ариел во Парма за девет милиони долари.
На Ариел не му се допаднало што во Парма се стемнува порано од Џенова а на тренерот Малезени тоа што Ортега се вратил од Божиќните празници со вишок килограми. Не соработувале и во летото 2000-та година Ортега добил дозвола од босот на Парма, Калисто Танци да се врати во Ривер Плејт. За две години престој во Ривер, Ортега даде 25 голови и им ја донесе титулата. Најзаслужен беше и што младиот голобрад Фернандо Кавенаги стана најдобар стрелец во Аргентина и се врати во репрезентацијата каде Марсело Бјелса на Ариел му ја даде позицијата крилен напаѓач.
Пред Светското првенство 2002-ра, помошникот на Бјелса, Луис Бонини пола месец ги мачел играчите во спортскиот центар на Рома, „Тригорија“, но Ортега тврди дека во тој период бил најспремен во животот.
На пет минути до крајот на третиот меч против Шведска, шутот на Ортега од 11 метри го одбрани Швеѓанецот Хедман но натрча Креспо и даде гол. Се беше добро, но на Гаучосите им требаше победа. Ариел прв влегол во соблекувална и видел како Бјелса плаче:
„Седнав на своето место и сакав да пропаднам во земја. Не ми влегуваше во глава дека со така добар тренер не влеговме во плејофот на Мундијалот“, раскажа Ортега подоцна во интервју за La Nacion.
Дома - нов удар: Ривер не бил во состојба да го откупи договорот на Ортега од Парма, така што Италијанците го продадоа во Фенербахче.
Нов тим, никој не збори шпански, а преведувачот на Ортега му бил некој телохранител во Истанбул. Но на теренот немал чаре и не ги разбирал ниту играчите ниту тренерот. Во азискиот дел на Истанбул бил непријатно сам и шест месеци подоцна сакал да го раскине договорот за што морал да плати седум милиони долари.
После ужасниот пораз 6:0 од Галатасарај, Ортега одлетал за Буенос Аирес и му рекол на агентот дека не се враќа во Истанбул.
Фенербахче веднаш се пожали во ФИФА, на Ортега му беше забрането да тренира и игра со други клубови до крајот на договорот со Турците, така што тој на адвокати потрошил стотици илјади долари, а во канцеларијата на Хулио Грондон, потпретседателот на ФИФА слушнал:
„Ти си во гомна и треба да излезеш од нив“. Ариел излегол во солзи и сфатил дека неговата кариера е готова. Не можел да игра, да тренира, одел на психолог и се развел од жената Данеса.
Во втората година од казата му се јавил Кладуио Вивас, помошник на Бјелса: За клуб не смеел да игра, но смеел за репрезентацијата. Бијелса го мотивирал да учествува на Олимпијадата, но само четири дена подоцна од ФИФА им јавиле дека не може да игра ниту за репрезентацијата.
Кога помислувал на самоубиство од кое го враќала мислата на двете ќерки и синот, Ортега добил телефонски повик од Толо Гаљехо.
Во ’90-те години Гаљехо го тренирал Ривер и му помагал на Пасарела во репрезентацијата а сега собирал шампионска банда во Њуелс Олд Бојс и не мислел да почне без Ортега. Газдата на Њуелс, Едуардо Лопез бил спремен да му плати на Фенербахче оштета за суспензијата.
Утрото, Ариел се сретнал со Лопез во кабинетот на Грондон кој се јавил во седиштето на ФИФА и барал да разговара со колегите на шпански: „Треба да го дозволиме трансферот на Ортега. Да, да, Ариел. Што? Едуардо, прашуваат кога ќе префрлиш пари? Утре ќе префрли. Поздрав момци“, рекол Грондон и ги допратил Ортега и Лопез до вратата.
Проблемот поради кој Малото Магаре не играл од 28 до 30 години се решил за пола минута.
Ортега го направил и Њуелс шампион, првпат после 12 години. Дал неколку гола против Ривер Плејт чијшто поранешен тренер го избрка во Фенербахче, но не прослави ниту еден од нив. Еднаш постигнал еврогол и го покрил лицето да не му ги видат емоциите. Плачел како дете затоа што му се вратил на фудбалот после две години.
Во август 2006. година, Ривер го купи од Њуелс Фернандо Белуски а со него и Ариел Ел Бурито Ортега. Петнаесет години претходно, Хорхе Игуаин барал од претседателот Давиче награда за 18-годишниот дебитант а сега Ариел му помагаше на синот на Хорхе, Гонзало кој играше во нападот. На мечот против Сан Лоренцо, Ортега го замени Белуски и на 12 минути пред крајот после првиот допир го даде првиот гол за Ривер после 10 години разделба. И тоа каков гол на Ел Бурито:
Новиот тренер на Ривер, Диего Симеоне го назначи Ортега за капитен на тимот, а тој му помогна да ја освои првата титула за четири години (најдолг период без трофеј за Ривер од почетокот на ’80те). Одново стана миленик на навивачите, но не успеа да ги реши проблемите со депресијата, алкохолот и скандалите со жените.
Проуштал тренинзи а Чоло го отстранил од екипата. Го викале во Емирати, но не сакал да се одвои од своите деца и заигра со Ривер во втора лига каде на три минути пред крајот од мечот со Чакарита го постигна најубавиот гол во својата кариера.
Марадона дури го повика во репрезентацијата за пријателската против Тахити. Ортега не сакал да комуницира со луѓето и од Ривер Плата се вратил во Њуелс. На 26. јуни 2011 година се преселил во стан на три блока од Монументал. После две години, во 2013-та, Ариел го одигра прошталниот меч за кого беа продадени 40.000 влезници.