Реал Мадрид и Лука Модриќ продолжуваат заедно и следната сезона, а тоа го соопшти клубот како тазе денешна информација на која веројатно нема зошто некој да не се израдува во Мадрид.
Легендарниот хрватскиот плејмејкер на 9 септември полни 38 години, возраст на која еден куп фудбалери се во пензија, други имаат сили само за едно полувреме, а трети акаат по арапски, американски или кинески пари.
Ама Лука е Лука и Реал е Реал. Така се прави тоа. Мајсторот на фудбалската игра е мајстор и на тие години, без да му бега паметат подалеку од Бернабеу.
Тоа веројатно го препознале и во клубот кој одново му ги отвори вратите до 30 јуни 2024. Договор кој покажува многу љубов кај двете страни и кој се коси со онаа поинаква и извитоперена денешна реалност: 100 милиони по сезона, 200 милиони по сезона, 500 милиони за две и пол сезони, милијарда, екстра бонуси...
Модриќ пристигна во Реал Мадрид во 2012-та и стана една од најголемите легенди во историјата на клубот со 488 натпревари и неверојатни 23 титули во 11 сезони, меѓу кои 5 титули во Лига на шампиони.
Ги освои и највисоките индивидуални награди како што се Златната топка, наградата за најдобар играч според ФИФА, а беше прогласен за најдобар и на Мундијалот 2018.
Тренерската клупа Реал ја менуваше со Мурињо, Анчелоти, Бенитез, Зидан, Лопетеги, Солари, Зидан, повторно Анчелоти, ама со никој не може да го замени Модриќ.
Мозок и архитект за сè што треба да се изгради во играта на кралскиот клуб. Заеби тоа авантурите во нефудбалски земји, вакви прикаски сакаме.
🎩 Todavía nos queda MAESTRO para rato...@lukamodric10 | #Modrić2024 pic.twitter.com/kIzZyBCs84
— Real Madrid C.F. (@realmadrid) June 26, 2023