Лидерот во бразилското првенство и еден од најславните тамошни клубови, Фламенго буквално и го украде пехарот од рака на Ривер Плејт со погодоци во 89 и 92 минута.
Во главниот град на Перу, Лима, место на одигрување кое се одбра поради масовните протести во првобитниот домаќин-организатор Сантијаго во Чиле, се одигра спектакл.
ФЛАМЕНГО - РИВЕР ПЛЕЈТ 2:1 (0:1)
Ова беше воедно и прво финале на Копа Либертадорес кое се одигра со само еден натпревар, без реванш и тоа најверојатно ќе биде пракса во годините кои доаѓаат (финале ќе се игра само на неутрален терен како во европската Лига на шампиони).
Фламенго изгради страшен состав сезонава: Филипе Луис, Рафиња, Жерсон, Габриел Барбоса, Витињо, Диего Алвес, Родриго Кајо.
Ривер Плејт по чудесното финале лани со Бока, сезонава има нешто помалку познати имиња зошто тимот продаде неколку играчи, но дресот уште го носат голманот Армани, Енцо Перез, Матијас Суарез, Лукас Прато).
ГАЉАРДО СЕКУНДИ ГО ДЕЛЕА ОД ЕПСКИ УСПЕХ СО РИВЕР
Ривер до финалето стигна без ниту еден пораз во групната фаза со Интернасионал, Плаестино од Чиле и Алијанса Лима од Перу. Во плејофот момците на Гаљардо по ред ги мелеа Крузеиро, Серо Портењо од Паргвај и смртниот ривал Бока Јуниорс (2:0, 0:1 во полуфиналето).
Од друга страна, Фламенго кој игра прекрасен фудбал под водство на новиот тренер Португалецот Хорхе Жезус, до финалето стигна од групата со Пењарол, ЛДУ Кито од Парагвај и Сан Хосе од Боливија. А после во плејофот се судрија со Емелек од Еквадор, Интернасионал и Гремио од Бразил.
Финалето се играше во столицата на Перу, пред повеќе од 80.000 гледачи.
Аргентинскиот состав, актуелен шампион во Копа Либертадорес (лани со Бока Јуниорс финалето во Мадрид), беше далеку подобар противник особено во првите 45 минути во кои Рафаел Сантос Боре (14' минута) им донесе огромна радост на илјадниците навивачи од Аргентина.
Но избраниците на Марсело Гаљардо како прерано да почнаа да размислуваат за славјето кое ги чека по улиците на Буенос Аирес во татковината, па при пад на концентрација примија два експрени гола буквално во самиот финиш на мечот.
Габриел Барбоса - Габигол, некогашната ѕвезда на Сантос кој не се прослави во Интер па се врати во татковината, со два гола во 89' и во 90+2' минута направи чудесен пресврт пред 80.0000 гледачи на перуанскиот стадион „Монументал“.
Ова е втора шампионска титула за Фламенго во Копа Либертадорес по првата до која стигнале во 1981 година. Габриел Барбоса - Габигол постави рекорд во едно финале на Копа Либертадорес со два толку брзи погодоци (Претходниот рекорд го држел Луис Перез од Коло Коло во 1991 година кога во финалето против Олимпија постигнал два гола за 5 минути).
Габигол постигна 9 гола сезонава во елитното натпреварување. Само Зико дал повеќе голови (11) кога Фламенго ја освоил титулата во 1981.