Екипата на Ливерпул се наоѓа на првата позиција, но само благодарение на подобрата гол разлика од Арсенал. Манчестер Сити заостанува еден поен, а дефицитот на Челси е само два поени.
Успесите на тимот најмногу се темелат на неверојатниот Луис Суарез кој само во декември постигна 10 гола, а во поглед на талентот и квалитетот на целиот тим и клупата, предноста секако е кај Манчестер Сити, Челси и Арсенал.
На страната на Ливерпул не е ни традицијата, ниту распоредот. Во изминатите четири сезони, екипата која беше на првата позиција на Божиќ, ја освојуваше титулата на крајот од сезоната. Последен пат кога тоа не се случи беше пред пет сезони и тоа токму со моменталниот лидер во Премиер лигата.
Ливерпул тогаш предводен од Рафа Бенитез, кој во тимот ги имаше Реина, Чаби Алонсо, Маскерано, Џерард, Торес... цела сезона имаше само два порази, но на крајот од сезоната му ја препушти титулата на Манчестер Јунајтед.
Освен во сезоната 2008/09, Ливерпул беше на првата позиција на Божиќ и во сезоните 1990/91 и 1996/97 и тогаш исто така на крајот не ја освои титулата.
Сликата ќе биде појасна веќе по следните две кола кога на Ливерпул му претстојат две супер-тешки гостувања против Манчестер Сити и Челси.
И кладилниците не веруваат дека Ливерпул ќе може да ја задржи лидерската позиција до крајот на сезоната. Фаворите за освојување на титулата според моменталната ситуација е Манчестер Сити чиј коефициент е 2,2. Следи Челси со коефициент 5,5 а коефициентот на Ливерпул и Арсенал е 6.