Легендите од Олд Трафорд најдобри во Премиер лигата

Како мала утеха за загубената титула која им отиде во рацете на најголемите ривали, Рајан Гигс и Алекс Фергусон ги добија наградите за најдобар фудбалер и најдобар менаџер од основањето на Премиер лигата.

Како дел од одбележувањето на јубилејот од 20 годишнината на Премиер лигата, Англичаните ги крунисаа легендита од Олд Трафорд за најдобар фудбалер и најдобар менаџер во историјата на лигата.

Во конкуренција на Денис Беркамп, Ерик Кантона, Тиери Анри, Рој Кин, Кристијано Роналдо, Пол Сколс, Алан Ширер, Патрик Виеира и Џанфранко Ѕола, наградата за најдобар фудбалер му беше доделена на Рајан Гигс.

Сер Алекс Фергусон го доби признанието за најдобар менаџер во конкуренција на Арсен Венгер, Жозе Мурињо, Хари Реднап и Дејвид Мојс.

Велшанецот има одиграно 909 натпревари за Манчестер Јунајтед и е најтрофејниот фудбалер од Англија, а Фергусон освои 12 титули во Премиер лигата откако го презеде клубот во 1986-та година.

На денешната церемонија му беше доделена награда и на Алан Ширер за најмногу голови во Премиер лигата (260), а признание доби и голманот Дејвид Џејмс за најмногу натревари без примен гол (173).

15 мај 2012 - 20:29