Заврши долгата сапуница околу иднината на Вардар кој во новата сезона ќе се натпреварува во втора лига. Мачна битка беше тоа, пред сè за Комитите кои изгинаа за клубот да опстане и организираа акција, за наши услови астрономска, собирајќи 50.000 евра за плати.
„Вардар ги загуби сите шанси за прволигашки опстанок“ е последната вест на сајтот на Вардар објавена на 9 мај, па токму верните Комити се единственото брзо и свежо средство за информирање на јавноста.
Компанијата „Блу Скај инвестментс“ ги презема акциите на ФК Вардар од Сергеј Самсоненко и стана нов сопственик на клубот, а според пишувањата на некои медиуми Русинот повторно по кој знае кој пат ветил дека ќе ги подмири милионските долгови направени во негово време.
Горан Симов на располагање ќе има 13 искусни играчи кои останаа во клубот, како и младинци, а се очекуваат и засилувања за новата сезона со цел веднаш да направат кам бек во прволигашкото друштво. Првиот тренинг е закажан на 10 јули на Градски.