Колку собира најголемиот стадион во секоја европска земја

Сторијата околу празниот и мал стадион на Монако нè натера да прочепкаме кои се најголемите стадиони во секоја европска земја. Има стадиони со капацитет од 10.000 гледачи но има и храмови на фудбалот кои примаат над 70.000 гледачи.

Стадиони со помалку од 10.000 гледачи

АНДОРА

Микростадиони за микродржави. Најголемиот стадион во Андора, Estadi Nacional собира 3.306 гледачи. Отворен е во септември 2014. година а на него играат репрезентациите на Андора во фудбал и рагби.

Против поголемите селекции во квалификациите за ЕП или Светско, Андора патува три часа до Барселона и таму игра на големиот Estadi Olímpic. Не дека новиов стадион дома им носи некоја поголема среќа (уште не победија никој, освен Македонија на 13. октомври 2004-та), но дадоа голови против Велс и Белгија и тоа е нешто големо за нив (а богами и за нас).

Македонија пред 12 години загуби на ова стадионче од Андора

ЛИТВАНИЈА

Во Литванија, земја каде кошарката е свет спорт, а фудбалот зазема трето или четврто место по ред, најголем стадион е Darius&Girėnas стадионот изграден во 1925. година во Каунас. Има 9.250 гледачи. Ферски е да се каже дека е мал, но убав.

На овој стадион игра прволигашот ФК Кауно Жалгирис обично пред 700 и нешто гледачи. На овој стадион игра и репрезентацијата на Литванија кој знае да настапи и во главниот град Вилнус или во Клаипеда.

На овој мал стадион Литванците победуваа фаворити како Полска, Шкотска и Грузија а извадија и реми против Италија.

Стадиони со капацитет од 10.000 до 30.000 гледачи

ЛАТВИЈА

Стадионот Сконто во Латвија

Кога се работи за фудбалот, Балтичките земји сакаат да бидат покомпактни, па така и стадионот Сконто во соседна Латвија не е ништо поголем.

На овој стадион игра репрезентацијата на Латвија и фудбалскиот клуб Сконто Рика. Но работите не им одат ни на едните ни на другите; Сконто имаше финансиски проблеми и сезонава се врати назад во првата Латвиска лига. Репрезентацијата на Латвија уште чека на историски пласман на едно меѓународно натпреварување. Добро, ако можеше Исланд, можат и тие.

ИСЛАНД

Laugardalsvöllur, најголемиот стадион на кој игра најголемата сензација од Европското првенство 2016-та се води како стадион со капацитет од 15.000 гледачи, иако правата вистина е дека има само 9.500 седишта. Барањето за карти по големите успеси е зголемено така што Исланѓаните морале да го прошируваат капацитетот.

Секоја меч на репрезентацијата на Исланд од 2013. година беше распродаден, па дур и пријателските од тој датум па наваму. Домаќините планираат да ја намалат атлетската стаза и да ги приближат трибните до теренот.

КОСОВО

Стадионот „Адем Јашари“ на Косово

Косоварите се најновата членка во УЕФА која ги прими годинава и за првпат ќе играат во квалификации за Светско првенство којшто се во тек. Тие имаат многу работи за средување, пред се прашањето дали косовските Албанци кои трчаа за Албанија и Швајцарија би дошле да играат за новата селекција на Косово.

Друго прашање е каде Косово ќе ги игра натпреварите. Најголемиот стадион таму е „Адем Јашари“ (ова име албански коментатор го користеше за нашата Арена „Филип Втори“ на меч на Шкендија). На „Адем Јашари“ Косово доби дозвола од ФИФА да игра пријателска против Хаити. Овој стадион во Косовска Митровица неофицијално собира 18.000 гледачи.

Но квалификациите за Мундијалот, Косово ќе ги игра на стадионот „Лоро Боричи“ кој собира 16.000 гледачи и на кој Македонија неодамна загуби 2:1.

ЕСТОНИЈА

Kalevi Keskstaadion во Талин

Назад на Балтикот, во Естонија, Kalevi Keskstaadion стадионот е најголем во земјата и собира 12.000 гледачи. На него игра прволигашот JK Tallinna. Кога тимот од Есилига не игра, на овој стадион може да се видат младински фестивали и прослави.

Овие настани обично почнуваат во јули и собираат 8.000 гледачи. Стадионот е изграден во 1956. година и веќе е во поодминати години, така што репрезентацијата на Естонија обично игра на новиот, но помал стадион „А. Ле Кок Арена“ исто во Талин. Овој стадион е изграден во 2001. година и собира 10.300 гледачи.

СЛОВАЧКА

Štadión MŠK Považská Bystrica

Не е твоја вина ако нникогаш во живот не си слушнал за MŠK Považská Bystrica, затоа што тие играат во седмата лига на словачкиот фудбал. Овој тим неколку пати играл во некогашната прва лига на Чехословачка, но по разделбата никогаш не играл во погорните лиги на Словачка.

Зошто се важни тогаш?

Нивниот стадион е најголемиот стадион во Словачка со капацитет од 14.000 седишта но може да прими и до 20.000 гледачи. 

ЧЕШКА РЕПУБЛИКА

Eden Aréna, Чешка

Преку границата меѓу Словачка и Чешка, СК Славија Прага игра на најголемиот стадион во Чешка, „Еден Арена“ која собира 21.000 гледачи е изградена во 2008. година.

Многу е помодерен од најголемиот стадион во Словачка, има хотел, ресторан и банка во склоп на комплексот. Чешка Република е една од оние репрезентации кој нема фиксен терен за домаќинство, а овде играле неколку пати. На овој стадион Чесите не победиле уште од 2010. година, а неодамна тука загубија од Јужна Кореа во пријателски меч, така што веројатно ќе потрае додека се вратат.

Исто во Прага, стадионот „Страхов“ може да собере 200.000 гледачи и е најголемиот стадио во Европа, но не е предвиден за фудбалски мечеви. На тој простор има девет фудбалски игралишта и славната Спарта Прага ги користи за тренинзи.

Стадиони со капацитет од 30.000 - 50.000 гледачи

МАКЕДОНИЈА

„Филип II Арена“

Ако нашата земја не може да се пофали со квалитетен фудбал, тогаш може да го кренеме носот во воздух кога со странци ќе зборуваме за стадионот кој изгледа моќно.

Националната „Филип II Арена“ беше комплетирана во 2013. година, чинеше неколку милиони евра и официјално има 36.460 седишта. Новиот кров сведочеше неколку добри меча на Вардар и Работнички во квалификациите за Европа. Да се надеваме дека новиот формат на квалификациите ќе ни даде шанса да гледаме европски клупски фудбал подолго.

УЕФА на Скопје му го додели домаќинството на европскиот Супер Куп 2017. година. Тој меч е планиран за „Филип Втори Арената“ каде ќе играат победникот на Лига на шампиони против победникот на Лига Европа. Со овој натпревар секоја година официјално се отвора фудбалската сезона.

НОРВЕШКА

Стадионот „Ullevaal“ во Осло

Меѓународен фудбал се играл на стадионот „Ullevaal“ во Осло уште од 1927. година кога Норвешка загубила 0-1 од Данска. 90 години подоцна Фудбалската федерација на Норвешка планира да изгради нов стадион со капацитет од 50.000 гледачи.

„Ullevaal“ во моментов собира 28.000 гледачи и покрај реновирањето во 2013. година. На овој стадион игра фудбалската репрезентација на Норвешка, а се подготвуваат и норвешките олимпијци. Во 2012. година капитенот на секој тим во норвешката Tippeligaen го избрал овој стадион како најомилен за играње на него. На овој стадион игра Валеренга уште од 1999. година.

БОСНА и ХЕРЦЕГОВИНА

Стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“ во Сараево

Многу од повозрасните го паметат стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“ како симбол на Олимписките игри во 1984. година. На него се одржа отворањето на Олимпијадата.

УЕФА го има оценето овој стадион со три ѕвезди (скопскиот има исто три). Собира 35.600 гледачи а на него одвреме-навреме (кога не игра во Зеница) игра репрезентацијата на Босна и Херцеговина и ФК Сараево. Асим Ферхатовиќ Хасе бил еден од најголемите фудбалери во историјата на ФК Сараево и го предводел клубот до првата титула во Југословенската Прва Лига во 1964. година.

БУГАРИЈА

Стадионот „Васил Левски“ во Софија

Стадионот „Васил Левски“ каде Бугарија ги игра домашните средби собира 43.500 гледачи. Оваа арена се користи и за големи рок концерти: Металика, AC/DC и Слејер, настани на кои се собрале и до 50.000 луѓе.

Кога Мадона настапуваше на овој стадион во Софија во 2009. година, теренот бил драстично оштетен што ги изнервирвал луѓето од репрезентацијата кој неколку дена подоцна играле квалификации таму. Двата најголеми ривали, Левски и ЦСКА Софија два пати годишно играат меѓу себе на овој стадион. Едно време се одвоија и ЦСКА играше на својот терен, но за дербито сега пак се враќаат на оваа голема Арена.

ШВАЈЦАРИЈА

Стадионот „Сент Јакоб Парк“ во Базел

Во 2001. година, „Сент Јакоб Парк“ го заменил стадионот на кој Швајцарија играла уште од Втората Светска Војна, квалификации за Светско во 1954. година.

Базел беше еден од градовите домаќини на Европското првенство 2008. година и стадионот тогаш беше проширен на 38.500 гледачи. Во 2006. година во последното коло од Швајцарската лига се одлучувала титулата меѓу Базел и ФЦ Цирих. Гостите дале победнички гол во судиското продолжение, поради што настанале инциденти.

„Сент Јакоб Парк“ лани беше домаќин на финалето на Лига Европа кога Севиља после пресврт го победи Ливерпул со 3:1. На овој стадион обично игра и репрезентацијата на Швајцарија.

Стадиони со капацитет од 50.000 до 70.000 гледачи.

АВСТРИЈА

„Ернст Хапел“ во Виена е еден од најубавите стадиони во Европа

Стигнавме до некои од најголемите стадиони во Европа, стартувајќи со „Ернст-Хапел-Стадион“ во Виена каде Шпанија ја победи Германија во финалето на Европското првенство 2008. година.

Од ’60-те до ’90-те години, на овој стадион се играле дури четири финалиња на Лигата на шампионите, а последното го доби младиот Ајакс против Милан 1:0.

Ако не знаете кој бил Ернст Хапел, тој бил познат австриски бек кој подоцна станал тренер и селектор и ја одвел Холандија во финалето на Мундијалот 1978. година. Во 1983. со Хамбург го освоил Купот на Европско шампиони.

РЕПУБЛИКА ИРСКА

Стадионот „Авива“ во Даблин е еден од поновите на оваа листа. Го завршија во 2010. година и го замени во целост стариот стадион „Лансдаун Роуд“ кој Ирците го користеле од далечната 1872. година.

Кога го завршија модерниов стадион имаше неколку критики поради големината: Собира 51.700 гледачи, односно 30.000 помалку од „Кроук Парк“ којшто важи за еден од најголемите на континентот. „Авива“ е ултрамодерен стадион на кој ќе се играат три меча од групната фаза на Европското 2020 и средби од четвртфиналето. На „Авива“ во 2011. година се играше финалето на Европа Лигата кога Порто ја победи Брага.

Поради правилата за спонзорства на стадионите, овој е познат и како Стадион Даблин.

ХОЛАНДИЈА

„Амстердам АренА“

Ако патите од вртоглавица, подразмислете два пати пред да купите карта за високата Амстердам АренА кој што е четвриот највисок стадион во Европа.

Познатата Амстердам АренА собира 53.000 гледачи. Отворена е пред 20 години за потребите на Европското 2000-та кога беше домаќин на полуфиналето меѓу Холандија и Италија кое Аѕурите го добија на пенали. На 20. годишнината од отворањето, овој стадион ќе биде домаќин на натпревари од Европското првенство 2020 а во следните години се планира и додавање на уште 3.000 места.

ПОЛСКА

„Националниот стадион“ во Варшава

За Европското првенство 2012. година организирано од Украина и Полска, Полјаците изградија неколку ултра-модерни стадиони од кои спектакуларно изгледа „Катедралата“ во Варшава која собира 55.540 гледачи колку што имаше во полуфиналето на ЕВРО-то кога Италија ја победи Германија 2:1 со головите на Балотели.

Арената има подвижен кров којшто може да се отвори или затвори за 20 минути. Механизмот на покривот работи ако надвор температурата е поголема од 5 Степени Целзиусови. Овој стадион „Национален стадион“ во Варшава е најголемиот во Европа со подвижен кров.

Како и да е, кога таму не игра репрезентацијата тој стои празен а на него има неколку шопови, бутици, хотели и фитнес центри со базени.

РОМАНИЈА

На Европското првенство 2020 година сите очи ќе бидат вперени во „Аrena Națională“, спектакуларен стадион во Букурешт отворен во 2011. година. Веќе следната 2012-та на овој страшно модерен стадион се играше финалето на Лига Европа меѓу Атлетик Билбао и Атлетико Мадрид (славеа Мадриѓаните).

Во овој храм играат и Стеауа и Динамо Букурешт, така што арената сведочи за едно од најжестоките дерби средби на европскиот фудбал. Но од ноември 2015-та до април годинава и двата тима мораше да најдат привремено решение затоа што стадионот не доби дозвола за поставување подвижен кров.

СРБИЈА

Најголемиот стадион во Србија, по ново стадион „Рајко Митиќ“ а познат како Маракана собира околу 55.000 гледачи и најмногу се полни за време на Вечното Дерби меѓу Црвена Звезда и Партизан Белград.

Маракана е изградена на почетокот на ‘60-те години и во следните децении сведочела многу важни натпревари како што било финалето на Лигата на шампионите кое Ајакс на Јохан Кројф го добило против Јувентус во 1973. година.

Ако многу сакате фудбалски тривијалности, треба да знаете дека на овој стадион каде нашиот Дарко Панчев го донесе трофејот од Купот на Европскиоте шампиони, се извела првата фамозна Паненка од Чехот Антонин Паненка од пенал.

Тоа бил решавачки пенал на финалето на Европското првенство 1976. година кога Чехословачкиот фудбалер го матирал Германскиот голман Сеп Мајер и заработил посебно место во фудбалскиот фолклор.

ПОРТУГАЛИЈА

Прекрасниот „Луж“ во Лисабон

До 1994. година стариот „Стадион на светлината“ собирал околу 130.000 гледачи колку што дошле да го гледаат финалето на Купот на УЕФА во 1983. година и Купот на Куп победници во 1992. година.

Новиот стадион „Луж“ во Бенфика важи за еден од најмодерните светски стадиони кои собира половина од она што го собирал стариот но и натаму е еден од најголемите стадиони во Европа според капацитет. Финалето на ЕВРО 2004 се играше на „Луж“.

„Луж“ е дом на Бенфика.

Стадиони со над 70.000 гледачи

УКРАИНА

„Олимпискиот стадион“ во Киев

„Олимпискиот стадион“ во Киев е национален спортски комплекс на кој се играше финалето на Европското првенство 2012. година.

На овој стадион игра репрезентацијата на Украина а на него и во 2018. ќе се игра финалето на Лигата на на шампионите.

Стадионот првпат бил изграден во 1923. година па проширен во раните ’40-ти години. Церемонијата на свеченото отворање била на 22. јуни 1941. година кога Луфтваф почнал да го бомбардира Киев. Подоцна на овој спектакуларен стадион се играле и фудбалски натпревари од Олимписките Игри 1980 организирани во Москва.

ГРЦИЈА

„Олимпискиот стадион“ во Атина важи за европски храм на фудбалот. На овој стадион играат репрезентацијата на Грција и фудбалскиот клуб АЕК од Атина.

Изграден е во 1979. година, но го модернизирале за Олимписките игри во 2004. година кога стана еден од најголемите и најшироките стадиони во Европа. Архитектот на овој стадион беше футуристот Сантијаго Калатрава, познат по неговите импресивни зданија кои не се баш практични за употреба.

Неговиот славен мост во Билбао морал да се затвори затоа што станувал многу лизгав на дожд. А Билбао важи за најврнежливиот град во цела Шпанија.

На овој стадион во Атина АЕК сезонава просечно го гледаат по 11.677 гледачи а инаку собира 70.618 гледачи.

ФРАНЦИЈА

Само што наполни 18 години а „Стад де Франс“ веќе беше сведок на финале на Светско првенство, финале на Европско првенство, финале на Светско во рагби во 2007-ма година и две финалиња на Лигата на шампионите, во 2000-та и во 2006-та.

Најпознатиот настан во фудбалската историја на Франција се одигра токму на овој стадион. Во 1998. година Зинедин Зидан ја предводеше селекцијата која со 3:0 го победи Бразил. Кога ја граделе направиле многубројни иновации како на пример елиптичен покрив кој комплетно ги покрива сите гледачи и спречува сончев отсјај на теренот.

ИТАЛИЈА

Официјално наречен како „Џузепе Меаца“, домот на Милан и Интер е наречен по двократниот светски првак од 1934. година и 1938-ма. Меаца играл и за двата милански клуба.

Денес овој стадион е еден од најголемите во Европа кој го користат тимови и познат ширум светот по 11-те големи столба.

На Мундијалот 1990-та во Италија, на „Сан Сиро“ се одиргаа шест натпревари. Два пати годишно се игра и Derby della Madonnina, меч меѓу Милан и Интер кои го полнат овој амфиетатар. Дури четири пати „Меаца“ или „Сан Сиро“ бил домаќин на финале од Лигата на шампионите заклучно со годинешното меѓу Реал и Атлетико Мадрид.

ГЕРМАНИЈА

Има голема разлика меѓу капацитетот на стадионот на Борусија Дортмунд за Европските и домашните средби. Ова е поради легендарната Südtribüne позната и како „Жолтиот ѕид“ кој собира 24.454 гледачи.

Споре правилата на УЕФА во однос на седењето, оваа трибина се намалува кога Дортмунд игра во Европа од 81.360 гледачи на 65.829. Ако некогаш сакате да го гледате Дортмунд, тогаш најпаметно е да одите на Бундеслигашки меч особено против ривалите Шалке или Баерн Минхен.

Иако има помал капацитет од Камп Ноу, “Вестфален стадион“ ги сруши сите европски рекорди по бројот на гледачи сезонава и е распордаден секоја недела.

АНГЛИЈА

Вембли во Лондон со сигурност е најпознатиот фудбалски стадион на светот. На местото на стариот Вембли се изгради новиот чија изградба чинела 800 милиони фунти и на кој може да седнат 90.000 гледачи. Вембли ќе биде домаќин на мечеви од Европското првенство 2020, групна фаза, полуфинале и финале.

Во чист и јасен ден од било кој дел на Лондон се гледа врвот на Вембли. Ширината на Вембли зафаќа 315 метри а највисоката точка 133 метри со што е најголемата ваква градба на светот.

Како што Арсенал „го окупираше“ стариот Вембли за средби од Лигата на шампионите во доцните ’90-ти години, така Тотенхем Хотспур играат сезонава ЛШ на новиот Вембли, затоа што нивниот Вајт Харт Лејн е срушен и на негово место ќе се гради нов стадион.

ШПАНИЈА

Конечно стигнавме до епскиот Камп Ноу, најголемиот стадион во Европа чијшто капацитет изнесува 93.000 гледачи.

Важи за најубавиот стадион на континентот особено поради необичниот размер. Камп Ноу е вториот најпосетен „музеј“ во цела Каталонија. Барса на лигашките натпревари ја гледаат во просек од 75.000 гледачи, а за во 2021 планираат стадионот да собира 105.000 гледачи.