Вкупната математика вели дека 641 клуб од 54 национални федерации добиле вкупно 150 милиони евра за настапите на нивните репрезентативци во квалификациите и на самото Европско првенство во Франција.
Најголема финансиска корист од ЕП 2016 имал Јувентус, а најголема сума на пари споредено по лиги се излеала во Премиер лигата, бидејќи дури пет клубови од Англија се дел од топ 10 листата на клубови кои заработиле најмногу пари од ЕП 2016.
По Јувентус следува Ливерпул кој од своите 5 претставници во англиската репрезентација заработил 3.394.511 евра. Потоа е Тотенхем со 3.066.138, а во топ 10 се уште и Манчестер Јунајтед, Арсенал, Саутемптон, Баерн Минхен, Реал Мадрид, Барселона и Рома.
Како функционира тоа?
Се работи за договор меѓу УЕФА и ЕСА (Европската асоцијација на клубови) кој ги обврзува дел од приходите од ЕП 2016 да се подели на клубовите кои имаат своите репрезентативци – учесници.
Клубовите од самото Европско првенство заработиле 100 милиони евра, а останатите 50 се од квалификацискиот циклус. За споредба од квалификациите за ЕП 2012 поделиле скоро 750.000 евра.
Секој клуб кој ослободува играч да настапи за својата земја во квалификации, добива фиксна сума по натпревар, додека за настап на Европското првенство тоа оди на дневна основа. Се наплаќа 14 дена пред првиот меч на репрезентацијата, па се до денот на последниот натпревар.
За среќа од овој договор ќар имаат и оние клубови на кои им е важен секој денар, па така на пример англискиот осмолигаш Фарсли заработи 25.283 евра од напаѓачот Адам Пристли кој играше во квалификациите за ЕП како репрезентативец на Гибралтар.