Иако ја почнаа сезоната со четири победи (три во Ла Лига една во Лига Европа) и 14 постигнати гола, фудбалерите на Реал Сосиедад како да ги стигна пад во формата.
Тргнаа маестрално и буквално ги прегазија Селта Виго (2-3), Виљареал (3-0), Депортиво (2-4), Розенборг (4-0), а потоа следеше нешто неочекувано: четири порази во низа (Реал Мадрид 1-3, Леванте 3-0, Валенсија 2-3 и Зенит 3-1).
Дека тимот предводен од Еузебио Сакристан игра на гол повеќе, за што на вчерашниот прес зборуваше и Чеде Јаневски покажува и податокот дека на 10 официјални средби сезонава на 8 примиле макар по еден гол, а само еднаш не постигнале погодок. Вардар тука би требало да ја гледа својата шанса, особено по голеадата против Шкендија минатиот викенд (4-2). Притоа важно е да се напомене дека клубот од Сан Себастијан има 5 порази на последните 6 гостувања во Европа.
Најдобар играч во досегашниот тек од сезоната им е младиот Микел Ојарзабал (20) кој од 2011-та е во клубот и кој веќе има еден настап за најдобрата шпанска репрезентација (против Швајцарија во мај 2016-та). Досега сезонава даде 4 гола и сите беа во домашното пвенство. Веднаш зад него, втор стрелец е Бразилецот Вилијан Хозе со 3 гола. Во ростерот го имаат и неверојатно брзиот Карлос Вела кој дел од кариерата мина и во нападот на Арсенал, и Аднан Јанузај кој беше дел од неславниот престој на Дејвид Мојес во Манчестер Јунајтед.
Од друга страна, Вардар го има одличниот Хуан Фелипе кој сезонава постигна 5 гола од кои најубав беше оној против Розенборг во претходното коло во Норвешка.
Вардар ќе мора да ја подобри одбраната која без повредениот Новак делуваше несигурно и прими 8 гола на два меча (5 од Зенит, 3 од Розенборг). Украинецот ни денес ќе го нема во составот, на негово место најверојатно ќе игра или Дарко Велковски или Висар Муслиу кој имаше супер-деби за Македонија против Италија во Торино.
Според шпанска Марка, можните состави за вечерашниот меч кој почнува од 19 часот се: