Аргентина - Саудиска Арабија 1-2 (1-0). Чудо во првото коло од група Ц.
Предводник на селекцијата составена исклучиво од играчи од домашно првенство е 54-годишен француски тренер, Ерве Ренар, човек со големо искуство на водење не-европски селекции.
Неговата биографија е за филм. Тренерската кариера ја почнал во родната Франција но набрзо се преселил да биде тренер во Кина и Виетнам.
Продолжил со историски победи во Африка и сега направи чудо со Саудиска Арабија. А претходно тотално потфрлил на клупски план. Му оди само со репрезентации.
КАКО МУ ГО УРНАЛ СОНОТ НА ДРОГБА?
Ерве Ренар во два наврати беше селектор на анонимната репрезентација на Замбија. Прво дошол таму во 2008-ма и останал до 2010-та а вториот мандат од 2011 до 2013-та му бил ѕвезден.
Со Замбија стигна до големото финале на Куп на Африка кога сензационално го освоија пехарот против главниот фаворит на турнирот со Дидие Дрогба во ѕвездениот состав!
За Дрогба ова беше прав последен танц. По големи борби стигнаа до големото финале каде изненадно ги чекаше Замбија. А таму шок.
„Нашиот успех не беше случаен. Кога дојдов во репрезентацијата на Замбија, видов многу млади фудбалери кои се спремни да работат како никој друг. Таму имаше прекрасна атмосфера. Сите заборавија но во 2010-та година стигнавме до четвртфинале на Куп на Африка а потоа во 2012-та иако сите ни ја препишуваа среќата, не беше баш така“, рекол јунакот кој направи чудо со Замбија во финале против моќниот Брег на Слонова коска.
Дрогба на тој меч во основното време промаши пенал, во пенал-серијата после продолженија даде гол но Жервињо промаши и Замбија го освои пехарот.
Шампионската титула Замбијците им ја посветиле на фудбалерите кои во 1993-та загинале во авионска несреќа. 25 репрезентативци на Замбија тогаш го загубиле животот.
ИМ ГО ВРАТИ ДОЛГОТ НА БРЕГ НА СЛОНОВА КОСКА
Репрезентацијата која секогаш беше составена од големи ѕвезди од Африка кои играа во Европа, како да ја следеше малер на Купот на црниот континент.
Дрогба веќе се прости со репрезентацијата но без освоен трофеј. Што да прават во таква ситуација? Решиле да му ѕвонат на Ерве Ренар, специјалистот за африкански фудбал.
Ерве Ренар буквално дојде, виде, победи.
Како селектор на Брег на Слонова Коска стана првиот тренер во историјата на фудбалот кој освоил два пати Куп на Африка со две различни селекции.
„За разлика од Замбија, во Брег на Слонова Коска имав фантастични играчи. Просто им верував. Тоа беше комбинација за успех. Во финале против Гана кога не ги постигнавме двата први пенали во серијата, ама знаев дека не е уште готово.
И така и беше. Гана водеше 2:0 во пенал серијата во големото финале, но промашија два пенали а Брег на Слонова Коска реализираше преку Орие, браќата Туре и Сејду Думбија.
ЖЕНА ОД СЕНЕГАЛ
Африка за Ерве Ренар не е само просто работа. Со овој континент му е врзан целиот живот.
„Тука се чувствувам свој на свое. Африка ми дава слобода. Не мислам ека би можел да живеам постојано овде но континентов ми принесува исклучителни задоволства во сите сфери“, опишал еднаш Ренар.
Љубовта на животот исто му е од Африка. Сопруга на Ерве Ренар е вдовицата на поранешниот селектор на Сенегал Бруно Метсу.
ТИКИ-ТАКА СО МАРОКО
Ренар во 2016-та станува селектор на Мароко, репрезентација која цели дваесет години не се пласирала на Светско првенство. И кој го сменил тоа? Токму Французинот.
Ерве Ренар составил одлична репрезентација, создал одличен тимски дух и атмосфера и им помогнал на Мароканците да отидат на големо Светско првенство.
Преку решавачки меч со Брег на Слонова Коска Мароканците триумфално се пласираа на Мундијалот 2018 во Русија.
Мароканците играа прекрасен фудбал на тоа Светско, добија и прекар „африканска Барселона“. Но за жал резултатите таму изостанале. Изгубија од Иран и покрај доминацијата и тоталниот посед на топка. Ремизираа со Шпанија и минимално изгубија од Португалија при исто симпатична игра.
МИСИЈА ВО АЗИЈА
Во 2019-та година Французинот решава да остави трага и на Азискиот континент. Сакал нов голем предизвик.
А и понудата од 2 милиони евра годишно му била примамлива. Потпишал договор да ја предводи репрезентацијата на богатата Саудиска Арабија.
Набрзо ги дознал ривалите во квалификациите - меѓу другите тука биле и силните Јапонија и Австралија. За неполни три години, Ерве поставил неколку рекорди: 18 победи имал во официјални средби и станал најдобриот странски тренер во историјата на Саудиска Арабија.
А што е уште поинтересно, оваа селекција заигра убав, гледлив фудбал. Искуството од Африка му помогнале да ја затегне и одбраната која под негова палка станала многу дисциплинарана во што на Мундијалот во Катар 2022 се увери и големата Аргентина.
СОНОТ ОСТВАРЕН, ЧУДО И СЕНЗАЦИЈА
Во првото коло од групата Ц на Мундијалот 2022, Саудиска Арабија се судри со силната Аргентина. Тргнаа „гаучосите“ офанзивно, постигнаа и гол преку Меси од пенал а подоцна четири им беа поништени поради офсајд.
Во вториот дел, Саудиска Арабија не го спушти гардот, тргна на се или ништо и тоа им се исплатеше. Со два гола од кои вториот беше најубав во досегашниот тек од првенството, Саудијците направија светска сензација и ја урнаа Аргентина на Меси.
1-2 кои ќе се паметат уште долго.
Ерве Ренар и натаму сонува...