Кои клубови трошат најпаметно на трансфер пазарот

Во големото богатство на најелитните лиги во европскиот фудбал се кријат голем број на погрешни инвестиции за играчи кои се брзо заборавени. Има клубови кои се лузери за успеси во однос на тоа што го трошат. Најдобар пример е Атлетико Мадрид, лош пример двете екипи од Милано.

Фајненшал тајмс анализираше сметки на 69 клубови од последните четири сезони користејќи податоци од сметководителската групација KPMG, која открива дека големите трошоци не се секогаш гаранција за успех.

“Најпаметниот“ клуб според клучната мерка за успех врз основа на платите е Атлетико Мадрид. Во периодот од 2011-та до 2015-та шпанскиот клуб го надмина бројот на освоени бодови кој статистички се очекуваше да го стигне врз основа на големината на платите кои ги дава во однос на другите екипи во истата лига.

Другите клубови кои трошат ефективно во последните неколку сезони се Сент Етјен, Монако, Евертон, Тотенхем, Наполи, Саутемптон, Удинезе, Реал Сосиедад и Лацио кои влегуваат во топ 10 по овој основ.

Најлоши резултати се разбира оствариле екипите кои испаѓале од лига, како што се Чезена, Брест и КПР кои потрошиле десетици милиони евра за мал ефект. Лоши изведувачки има и меѓу големите клубови како Интер и Милан кои и покрај големите трошоци имаат серија на слаби сезони.

Манчестер Јунајтед е најголем потрошувач во Европа после Барселона со буџет за плати од 321 милиони фунти, но минатата сезона во Премиер лигата заврши на разочарувачкото петто место.

Фудбалските навивачи жестоко дебатираат дали екипите со многу пари се во предност. Аналитичарот Стефан Шимански, автор на Пари и Фудбал смета дека најдобар индикатор за поставување место во лигата е неговата сметка.

Одличните игри и резултати на Атлетико Мадрид во последниве години под водство на Диего Симеоне беа забележани од страна на фудбалска јавност. Во 2014-та ја освоија Ла Лига и покрај помалата финансиска моќ од Барселона и Реал Мадрид.

Атлетико минатата сезона даде 137 милиони евра за плати со што стана осмиот клуб во Европа по трошење. Беа финалисти и во Лигата на шампионите и завршија три бода зад шпанскиот првак Барселона кој потроши 372 милиони евра за плати.

Првиот човек на KPMG, Андреа Сартори вели дека клубовите кои продолжуваат да се надминуваат на терен во однос на трошоците за играчи, би можеле да се најдат меѓу клубовите со најголема заработка во Европа.

„Во фудбалот постои круг. Ако победуваш на терен, тогаш способен си да привлечеш навивачи и спонзори, како и да бележиш раст во приходите. Ако тие приходи ги инвестираш добро, можеш да продолжиш со победување, како и во тој витруозен круг“, смета Сартори.

Оваа анализа не го вклучува Лестер кој беше изненадување минатата сезона во Премеир лига, бидејќи немаа сите клубови објавено целосни сметки за 2016-та. Бранителот на титулата е во близина на дното на табелата што за некои експерти тоа значи дека среќата игра голема улога во фудбалот.

 

3 февруари 2017 - 12:03