Сигурен знак дека шпанскиот фудбал тргнува во поход беше мистеријата што титулата во Примера заврши во 19-от шпански град по големина.
Никој не очекуваше таков развој на настаните, затоа што Барса и Реал претходната сезона завршија најгоре на табелата, но не импресионираа во ЛШ. Барселона испадна во групната фаза, а Реал Мадрид изгуби од Динамо Киев на Андриј Шевченко.
1999/2000 започна со дуелот од Супер купот меѓу Барселона како шампион и Валенсија како освојувач на Копа дел Реј. Истото лето Хектор Купер од Мајорка го замени Клаудио Раниери во Валенсија. Барса со Фиго, Клајверт, браќата Де Бур како и идните тренери Гвардиола и Луис Енрике загуби во првиот меч на Местаља по голот на Клаудио Лопез.
Во реваншот Барса три пати водеше, но Валенсија три пати се враќаше и заслужено го освои трофејот. Прв знак дека сезоната ќе тргне неочекувано.
Во меѓувреме во главниот град, Реал Мадрид трошеше пари после неуспешната сезона. Дојдоа Мичел Салгадо, Иван Елгера, Стив МекМанаман, Џереми и Никлас Анелка кој им се придружи на Раул и Мориентес во нападот. Првото коло започна со победа на Реал на гости против Мајорка, Барса славеше 2:0 против Сарагоса, а Депортиво кој исто така беше гласен во преодниот рок импресивно го победи Алавес со 4:1. После првите три кола Барселона имаше три победи и беше прва.
Првото чудо се појави во четвртото коло. Барса загуби 2:1 од Алавес во Баскија, екипа која се спаси претходната сезона од испаѓање во последното коло.
Во шестото коло, Валенсија гостуваше на Бернабеу со само еден бод на табелата затоа што загубија на првите четири меча од сезоната. Сепак тоа не им сметаше да водат 0:3 на полувремето, а Реал со двата гола на Мориентес само да го ублажи поразот. Тогаш сфативме дека секој секого може да тепа.
Следното коло на програмата го донесе Ел Класико. Тимот на Џон Тошак губеше 2:0 од Барселона (Ривалдо и Фиго), но Реал се врати со двата гола на Раул.
Катастрофалните резултати на Реал Мадрид ги продолжи Џими Флојд Хаселбанк на Сантијаго Бернабеу кога Атлетико, тим кој се бореше за опстанок славеше со 1:3. После тој меч Висенте Дел Боске го замени Тошак во Реал како нов и неискусен тренерски регрут кој до тогаш го водел само младинскиот состав на Кралевите.
Ни таа смена не донесе ништо битно, затоа што на 3. декември 1999 година, Реал Мадрид го доживеа најголемиот срам во последните 50 години откако со 1-5 загуби дома од Реал Сарагоса. Саво Милошевиќ тогаш со два гола и една асистенција беше играч на мечот и сериозно конкурираше за најдобар стрелец во лигата.
Во ситуација кога од коло во коло имаше необични и неочекувани резултати, се одвоија пет екипи кои конкурираа за врвот а четири од нив беа Депортиво, Сарагоса, Алавес и Рајо Ваљекано. Луј Ван Гал како тренер на Барса тогаш ги промовираше дипломците Чави и Карлос Пујол а подоцна и Иниеста.
Составот на Депортиво го сочинуваа Рој Макај, Џалмиња, Мауро Силва, Флавио Консеисао и Славиша Јокановиќ, играчи кои беа решени да го избркаат духот од сезоната 1993/1994 кога Депор ја загуби титулата во последното коло, во последната минута со промашен пенал на Мирослав Ѓукиќ.
Истата сезона 1999/2000 ја одбележа голем скандал затоа што Барса одби да го игра полуфиналето на шпанскиот Куп со Атлетико Мадрид поради тоа што имале само 10 способни играчи, другите биле повредени на дуелите во Европа. И покрај тоа што доживеа дури 12 порази таа сезона, Барселона и натаму беше главен конкурент на Депортиво за титулата.
На три кола пред крајот, Каталонците заостануваа два бода зад Депортиво и имаа прилика со победа на еден ден да го симнат лидерот од врвот и да им наметнат притисок повеќе. Сепак Рајо Ваљекано го шокираше Камп Ноу со 0-2, момент кога цел стадион ја свиреше екипата што никако не може да дојде на првото место.
Следниот ден Депортиво ремизираше 2:2 со Сарагоса и ја продолжи неизвесноста. Неверојатно на две кола до крајот, шест екипи имаа математички шанси да ја освојат титулата.
И натаму сè беше во раце на Депортиво кој имаше проблеми на гостувањата каде ретко кога освојуваше бодови. Тимот од Галиција ремизираше 0-0 во Сантандер, а Барселона пропушти уште една прилика да стане прва(к). Каталонците играа играа исто без голови против Реал Сосиедат.
Финалниот викенд, Депортиво играше дома против Еспањол, екипа која следната недела имаше финале на Копа Дел Реј, беше безгрижна на средината на табелата и секако сакаше да го остави големиот градски ривал без трофеј во првенството.
Со головите на Донато и Рој Макај, Супер Депор победи 2:0 и прославата во Ла Коруња и цела Галиција можеше да започне. Шест години откако им избега титулата, сега конечно се радуваа на најголемиот трофеј во клупската историја. Од лигата испаднаа Атлетико Мадрид, Бетис и Севиља.