Маркус Решфорд

Кое е детето спасител на Јунајтед?

Со два убави гола на дебито за првиот тим синоќа, 18-годишниот Маркус Рашфорд стана најмладиот стрелец во клупската историја и го сруши рекордот на легендарниот Џорџ Бест.

Додека Луј ван Гал го славеше новиот голгетерски херој Маркус Рашфорд, не заборави да му се заблагодари и да потсети на неговиот сонародник Рене Меленстен, чие влијание го натерало малиот шпиц на 9-годишна возраст да го одбере Олд Трафорд наместо Етихад.

Уште како ученик во основно школо, малиот Рашфорд тренирал и во Манчестер Јунајтед и во Манчестер Сити сè додека не заиграл во локалната екипа од јужниот дел од градот, Флечер Мос Ренџерс.
 
Првиот тренер во јуниорските денови на Рашфорд, Дејвид Хорокс вели дека одлучувачки фактор во одлуката на малиот да игра во Јунајтед била тренинг програмата која што му ја презентирал тогашниот тренер на младинците, Рене Меленстен (подоцна прв помошник на Сер Алекс Фергусон во првиот тим).

 
Тренинг програмата на Олд Трафорд е базирана на Методот Корвер (систематизирани тренинзи од Холанѓанецот Вил Корвер) кои значат врвно владеење со топката. Занаетот со овие методи го учеле меѓу другите и Руд ван Нистелрој, Арјен Робен и Кристијано Роналдо.
„Како и многу талентирани деца, Маркус не беше скаутиран само од еден клуб. Тој отиде во развојните академии на Јунајтед и Сити, а школата на Граѓаните беше поблизу до неговиот дом во Фалоуфилд", раскажува Хорокс за почетоците на Решфорд.

По неколку натегања меѓу двата клуба, решението било на виделина.

„Сити му понуди шанса да игра за нив и му кажаа дека ќе ја градат играта околу него. Јунајтед беше загрижен што може да го загуби затоа што Сити беше географски поблизу. Тогаш ми се јавија мене ако можам да го донесам во нивниот камп едно неделно утро", продолжува првиот тренер на вундеркидот.

Од Јунајтед денес гордо тврдат дека во Сити не го препознале талентот на Решфорд и дека му рекле „како бил многу ситен и слаб“ за нивен вкус.

Вчерашните два ефектни гола се изненадување само за оние кои не го следеле развојниот пат на малиот центарфор.

„Јунајтед има програма за развивање на индивидуалните способности. Тренинзите ги раководеше Меленстен а другите тренери го следеа. Децата не може да потпишат со ниту еден клуб пред нивниот деветти роденден. Тоа време се приблужуваше деветтиот роденден на Маркус и тој кажа дека сака да оди во Јунајтед. Додека го возев натаму ми зборуваше како во Јунајтед ќе стане подобар фудбалер поради програмата", додава тренерот Хорокс.

Во локалниот тим Флечер Мос неколку талентирани момчиња започнале да играат фудбал. Меѓу нив Вес Браун, Дани Велбек, Камерон Стјуарт, Равел Морисон, Кајл Бартли и многу други. Дебито на Решфорд против Митјиланд со два гола беше доказ дека на Трафорд се раѓа нова ѕвезда.

ПЕТ РАБОТИ ШТО ТРЕБА ДА СЕ ЗНААТ ЗА РЕШФОРД:

1. Роден е на Ноќта на вештерките во 1997. година

Решфорд е роден во Манчестер на 31 октомври 1997. година, само неколку месеци откако Ван Гал го напушти Ајакс да оди во Барселона. Ден по неговото раѓање, Јунајтед го совлада Шефилд Венздеј со 6:1 (Шерингам, Енди Кол и Солскјер дадоа по 2 гола).

2. До синоќа Маркус Решфорд немал страница на Википедија. Неговото име било само на листот за официјалната програма пред вчерашниот меч кој се делел на влезовите на Олд Трафорд. Во стартната постава се нашол сосема неочекувано после повредата на Ентони Марсиал на загревањето.

3. Маркус синоќа го сруши рекордот на Џорџ Бест кој беше најмлад фудбалер што дал гол во Европските купови. Северно Ирецот имал 18 години и 158 дена, а Решфорд 18 години и 117 дена.

Ван Гал после мечот синоќа изјави: „Во првиот дел многу беше на крило. На полувремето му реков биди пред голот и ќе дадеш гол. А тој даде два и тоа е фантастично".

4. Решфорд во 2014-та година потпишал договор со Манчестер Јунајтед, тим за кој навивал од детството.

5. Може да игра на секоја позиција во нападот. Сака да биде класична 10-ка како Руни, но може да игра и како класичен центарфор. Минатата сезона за тимот до 18 години на Манчестер Јунајтед постигнал 13 голови на 25 натпревари. Во септември на првиот меч од младинската ЛШ на УЕФА постигнал два против ПСВ а во декември дал гол и за У-21.

Двата гола на Решфорд против Мидтјиланд на дебито за Јунајтед: