Клупската икона Карл-Хајнц Румениге си оди од Баерн после 58 освоени трофеи

За тоа како Ули Хенес и Карл-Хајнц Румениге го кренале Баерн Минхен на највисоко ниво и го направија најуреден клуб на светот треба да се напише книга. Со домаќинско работење до полна каса и полн музеј трофеи.

Легендарниот Карл-Хајнц Румениге ја напушти позицијата генерален директор на Баерн Минхен на 30 јуни. Во новата сезона гигантот од Баварија на тоа место ќе го има Оливер Кан.Крај на една епоха на тотален германски хегемон и најздравиот европски клуб.

За да се разбере величината на Румениге за Баерн Минхен треба да се знаат некои факти:

- За 40 години во Баерн, Румениге бил важна ако не и најважна карика во освојувањето на 58 трофеи! 7 како играч и 51 како потпретседател и извршен директор. За 121 година постоење Баерн Минхен освоил севкупно 79 трофеи.

- Со Румениге како играч или раководител, Mia San Mia освоил: 19 титули во Бундеслига (како функционер) + 2 (како играч). Вкупно Баерн има 31 шампионска титула во Бундес.

- Во Купот на Германија Румениге освоил 12 пехари како раководител на извршно место и 2 како играч од вкупно 20 највредни одличја на Баварците во Купот на Германија.

- Во Лига Купот на Германија Баерн славел 6 пати а 6 пати од нив биле под капата на директорот Румениге. Во Суперкупот 8 освоени трофеи, 6 под водство на Карл-Хајнц.

- Во Куп на европски шампиони/Лига на шампиони од вкупно 6 титули, 5 се освоени додека Румениге е во клубот (2 пати како играч го кренал овој пехар).

- Во Куп на УЕФА, Баерн Минхен има 1 титула и тоа во време кога Румениге раководи со управата. Во Суперкуп на УЕФА 2 титули и двете со него на видна позиција во клубот. Куп на Купови Баерн Минхен освоил еднаш но Румениге тогаш не бил во клубот. Интерконтинентален Куп/Светско клупско првенство Баерн има 4 титули (3 со Румениге како раководител и 1 со него како играч).

ЗДРАВАТА ЕКОНОМИЈА НА НАЈУРЕДЕНИОТ КЛУБ ВО ЕВРОПА Е БЛАГОДАРЕНИЕ НА РУМЕНИГЕ

Верувале или не, само еднаш во последните 20 години буџетот на Баерн Минхен отишол во минус и тоа на -3,4 милиони евра и тоа во време на изградба на велелепната „Алијанц Арена“.

РУМЕНИГЕ ВО БАЕРН Е ОД 18 ГОДИНИ

Историјата на љубовта меѓу Кале, како што пријателите и познаниците го викаат Карл-Хајнц Румениге и Баерн Минхен, датира од 1974 година.

Младиот Карл од родниот Липштад се преселил во Минхен за да учи банкарство и економија. Во престолнината на Баварија часови му држел тогашниот менаџер на клубот, Роберт Шван.

„Еднаш памтам игравме четвртфинале на Куп на европски шампиони со Арарат од Ереван (Ерменија), а за пласман понатаму ни даваа премија од 15.000 германски марки.

Јас примав плата од 3.000 марки. Отидов кај управата и реков: „Господине Шван, изгледа дека настана грешка“. А тој ми свика: „Надвор! Како посрано играше радувај се што воопшто добиваш и три илјади!“

После тој настан почнав реално многу да заработувам. За пар месеци ми ја накачија на 15.000. Па пак отидов кај менаџерот: „Господине Шван, сега добив повеќе одошто треба: 15.000 плус 3.000 тоа се 18.000. „И плус што си глуп!“, како од пушка ми одговори Шван кој беше многу бистар раководител“, се сеќава Румениге.

Румениге како иден раководител во Баерн а тогашен играч, учел од најдобрите. Исто и на теренот. Со Румениге во шпицот на нападот, Баерн Минхен два пати станал европски шампион и ја освојувал Бундеслигата а Карл-Хајнц два пати ја добил и „Златната топка“ за најдобар играч на светот.

На вечната листа најдобри стрелци на Баерн Минхен, Румениге долги години беше втор, зад безвременскиот Герд Милер (580 меча, 523 гола). Карл-Хајнц на 422 меча постигнал 217 гола а од неоадмна Роберт Левандовски го надмина и стана втор на таа листа со 329 натпревари и 294 погодоци за Баерн!

Голем респект имал и од противничките навивачи, па така најголемите ривали, оние од Британија му посветиле и песна. Групата Alan & Denise ја испеала песната Rummenigge, Rummenigge, All night long 

Но во тоа време Баерн бил далеку од економско совршенство какво што е денес. Кога Интер во 1984-та му понудил рекордни 10,5 милиони германски марки на Баерн за ѕвездата Румениге, Баварците не можеле да одбијат. Со тој трансфер Карл-Хајнц им помогнал да покријат долгови од 2 милиони марки. 

ВО ТАНДЕМ СО УЛИ ХЕНЕС НАПРАВИЈА ЧУДО И ГО ИЗДИГНАА БАЕРН НА НАЈВИСОКО НИВО - ИЗГРАДИЈА УЛТРА МОДЕРЕН СТАДИОН БЕЗ ТОА ДА ВЛИЈАЕ НА РЕЗУЛТАТИТЕ НА ТИМОТ

Кале Румениге во Баерн се вратил од Италија и добил нов статус. Во есента 1991-ва година Баерн се мачел како никогаш претходно ни потоа. Рано испаѓање од второлигашот Хамбург од Куп на Германија и пропаст во Бундеслига (10. место).

Во Куп на УЕФА данскиот Б-1903 ги згромил Баварците со 6:2. Претседателот на Баерн, Фриц Ширер решил дека нешто мора да се менува во клубот и викнал две легенди: 46-годишниот Франц Бекенбауер и 36-годишниот Карл-Хајнц Румениге. И двајцата станале потпретседатели.

Тогаш во тоа време јавноста го исмевала овој потег. Менаџерот на Шалке Гинтер Нецер рекол дека овој пар потпретседатели повеќе од корист би биле на терен. Но историјата и времето покажаа спротивно.

Румениге уште на крајот на играчката кариера се занимавал со економски прашања и стекнувал ораторски искуства. На почетокот на ’90-те години бил стручен коментатор на ARD. Зборувал добро англиски, италијански, француски и шпански. Брзо станал главен дипломат на Баерн кој почнал да привлекува спонзори.

Румениге истовремено бил и ученик, но и противтежа на пробивниот лидер Ули Хенес. Франц Бекенбауер со неговото големо име се повлекол и почнал да работи во Германската фудбалска федерација (DFB) и се борел за власт во УЕФА.

Развојот на Баерн Минхен како спортски хегемон и бизнис машина е во голема мерка дело на Ули Хенес кој имал место во управата на клубот од 1979 година. Но без Румениге напорите на Ули не би дале таков ефект.

Кале и Ули заедно ги носеле сите клучни решенија - од трансфери до поставуање тренери и изградба на новиот стадион „Алијанц Арена“. Поради оваа ултра модерна арена Баерн ја сменил дури и формата на сопственост па стана акционерско друштво.

Румениге заедно со Хенес и Бекенбауер размислувале за оваа идеја за нов сопствен стадион уште од 1996-та. Тогаш продале дел од акциите на клубот на големи спонзори, но го сочувале контролниот пакет во рацете на обединетите навивачи кои имале право на одлучување.

Поинаку било тешко да се соберат 280 милиони евра. Во 2002 година 1.356 од 1.513 членови на клубот гласале ЗА. 

РУМЕНИГЕ И ХЕНЕС НА КЛУБОТ МУ ДОНЕЛЕ ПОЛА МИЛИЈАРДА ЕВРА

Уште една важна ставка од бизнис успехот на Баерн е конзервативната економска политика. Ули Хенес го вовел правилото приходите и профитот на клубот да се орочува како депозит. „Успех изграден врз долгови не е концепт“, рекол Ули Хенес.

Поддршка добил и од неговиот верен соработник Карл-Хајнц Румениге.

Денес Баерн Минхен има сопствен капитал од околу 492,2 милиони евра. Ова е сума која му дозволува на Баерн самоуверено да се држи дури и во време на пандемија.

ЕДНА ОД НАЈЈАКИТЕ АНЕГДОТИ НА ТАНДЕМОТ Е ОД ПАРАГВАЈ

Во најдобрите години, Ули Хенес и Румениге биле спремни на се па дури и „да фатат авион во лет“. Тоа се случило во 1999-та година во Парагвај каде биле да го купат бисерот Роке Санта Круз.

„Преговорите траеа цела вечност и ние веднаш после со Ули отидовме на аеродром за да фатиме лет до Буенос Аирес па од таму за Минхен. За 20 минути пред летот трчавме по цел терминал. Бев напред и никогаш нема да заборавам како Ули заурла позади мене. Се свртев и ми рече: „Изгледа истегнав мускул“. Најдов место во количката за багажник, ги изместив куферите и му реков: „Влегувај!“. И така стигнавме до капијата.

Секако доцневме дебело. Авионот веќе почна да ги пали моторите спремен да полета. Го применивме ангелскиот шарм и ја убедивме дамата на шалтер да го сопре авионот. Кога се појавивме на бордот, сите злобно и намрштено не гледаа. Но ние бевме среќни и се чукнавме со чашки виски. Ули после кривеше три недели“, се сеќава Румениге.

Роке Санта Круз набрзо стана еден од најдобрите напаѓачи во Баерн Минхен.

Румениге и Ули Хенес буквално орале за Баерн. Многу прашања ги решавале лично. Во критични моменти Румениге ги активирал дипломатските вештини и успевал.

На јавноста во Германија, и општо на светската јавност не им се допаѓаше тоа што Баерн ги купуваше најдобрите играчи од ривалите и така доминира во Бундеслигата. Но баварските шефови беа фокусирани првенствено на успехот на својот тим. 

ИМАЛЕ И НЕСОГЛАСУВАЊА ПОРАДИ КОИ ТУХЕЛ НЕ СТАНА ТРЕНЕР А ЛАМ СПОРТСКИ ДИРЕКТОР

Во последните години мислењата на ветераните Ули Хенес и Карл-Хајнц Румениге се почесто биле спротивни. По заминувањето на Пеп Гвардиола, Румениге настојувал нов тренер на клубот да стане неговиот стар пријател Карло Анчелоти. И успеал во тоа.

Ули Хенес бил против тоа. Такви ситуации се повторувале често. Во 2018-та година Ули го убедувал најтрофејниот тренер во историјата на Баерн, Јуп Хајнкес да се задржи уште една сезона на клупата.

Баерн така го изгуби Томас Тухел за кого навивал Румениге. Кога го побарале него тој веќе бил пред потпис со ПСЖ. Наместо сегашниот тренер на Челси, Хенес го предложил Нико Ковач како човек кој најдобро го познава клубот од внатре. Но тоа беше промашување.

Не се совпаѓале ниту по прашањето за спортски директор. Кале Румениге сакал тука да го види легендарниот капитен Филип Лам, а Ули го сакал Макс Еберл од Менхенгладбах. На крај направиле компромис и спортски директор стана Хасан Салихамиџиќ.

Но овие поединечни грешки на двајцата не влијаеле на успехот на клубот кој блеска во последните неколку децении, ниту на неговите финансии. Поставен е толку моќен механизам од страна на Ули Хенес и Карл-Хајнц Румениге.

Сепак спротивните мислење со текот на годините биле причина и за раното заминување на Ули Хенес од местото претседател на клубот во летото 2019-та. Тоа го открил членот на управниот одбор на Баерн, Едмунд Штојбер.

ТРАНСФЕРИ ПОД КОНЕЦ, ЕКИПАТА СКОЦКАНА

Платите и трансферите се едни од главните расходи на еден фудбалски клуб. И покрај стереотипите за тоа дека Баерн Минхен купува „све и свја“, на трансфер пазарот баварскиот гигант традиционално е поконзервативен од другите топ клубови во Европа.

Кога на почетокот на 2000-те години италијанските и шпански клубови даваа грдни пари (по 50-60 милиони евра на играчи), Баерн максимум трошеше по 20 милиони евра во трансфер преоден рок.

Зделките од 100+ милиони евра почнаа во 2010-те години. Баерн тогаш го постави и рекордот на потрошени пари за купен играч: во 2012-та година од Атлетик Билбао го доведоа Хави Мартинез за 40 милиони евра.

Румениге овој трансфер го нарече најсложен во историјата на клубот.

„Таа сума беше достигнување. Во клубот со месеци се водеше дискусија за Мартинез. Клучно беше мислењето на тренерот Јуп Хајнкес кој сметаше дека Шпанецот може да помогне да се направи чекор понапред. И така бидна. Во првата сезона со Хави Мартинез, Баерн освои Лига на шампиони, Бундеслига и Куп на Германија“.

За најдобри свои трансфери Румениге ги смета: „Мануел Нојер во 2011-та за 20 милиони евра и Роберт Левандовски доведен без обештетување, бесплатно во 2014-та. Најдобриот голман на светот и најдобриот напаѓач на светот. Така заложивме база за следните 10 најдобри години во историјата на клубот“.

Најскапо платен играч во историјата на Баерн Минхен е Французинот Лука Фернандез. Во 2019-та година за него на Атлетико Мадрид му платија 80 милиони евра. Тоа е двојно повеќе од претходниот рекорд.

На оваа листа втор најскапо платен играч е Лирој Сане (2020 од Манчестер Сити за 45 милиони евра), Дајо Упамекано (2021 од РБ Лајпциг за 42,5 милиони евра), Корентен Толисо (2017 од Лион за 41,5 милиони евра).

КАКО РУМЕНИГЕ ДОЗВОЛИЛ ДА СЕ ПОТРОШИ ТОЛКУ?

Откако во 2016 и 2017 Манчестер Јунајтед одвои повеќе од 100 милиони за Погба, а ПСЖ 200 милиони за Мбапе и Нејмар, фудбалскиот свет беше во шок.

Тогаш Роберт Левандовски јавно и отворено во едно интервју за Spiegel ја повикал управата да потроши „некоја пара повеќе“:

„Баерн до сега нема купено играч поскап од 40 милиони евра. Но во светскиот фудбал тоа одамна е просечна сума, а не максимална“.

„Румениге набрзо побара лична средба со мене поради критика на клубот.

Но во еден момент луѓето од клубот како да подлегнале на општиот порив. Румениге се уште не признал дека сумата за трансфер на Ернандез е грешка. Иако имаше изјави во дипломатски манир дека се работело за „галопирачка инфлација“ во фудбалот поради рекордните трансфери на ПСЖ. 

КРИТИКА ПОРАДИ СОРАБОТКАТА СО КАТАР

Карл-Хајнц Румениге доби еден куп критики од новинарите кога потпиша договор за соработка со Катар. Додека во Германија се пропагирал бојкот на Светското првенство 2020 во Катар поради нарушување на човековите права и слободи, Румениге јавно зборувал за соработка со нив.

„Ангела Меркел во 2018-та го повика средниот бизнис да развива економски односи со Катар. Тоа и го правиме. Баерн е успешен фудбалски клуб, но и претпријатеие кое не може да опстои без меѓународни партнери“, рекол Кале.

Неговиот поглед на фудбалот често се косел со оној на навивачите кои во Германија се држат строго до традицијата.

НАСЛЕДНИК ЌЕ МУ БИДЕ ЛЕГЕНДАРНИОТ ГОЛМАН

И покрај критиките во последно време, Румениге во наследство на Оливер Кан ќе му остави завидно богатство и полна каса. Неодамна Баерн Минхен го повтори рекордот на Барселона и освои шест трофеи во една календарска година! (Светското клупско првенство го префрлија во февруари 2021 поради пандемијата) и ја освои 30-та титула во Бундеслига (деветта по ред).

Сега над грбот на Баерн стојат пет ѕвезди. Според Forbes во 2021 година активите на клубот се проценети на 4,21 милијарда долари.

65-годишниот Румениге му пренел нешто од своето знаење на неговиот наследник Оливер Кан и оди на мисија - во април го избраа за претседател на заедницата на европски клубови наместо Андреа Ањели кој крена бунт. Румениге отворено застана против Суперлигата и важи за близок соработник на Александар Чеферин.