Клубови мака мачат во квалификации за Лига шампиони и Лига Европа поради Ковид-19

По неверојатниот меч минатата недела во Србија каде Бачка Топола и Стеауа Букурешт одиграа 6-6 па Романците (кои дојдоа без 10-ина играчи поради Ковид-19) поминаа понатаму, синоќа во Израел Макаби мака мачеше против австриски Салцбург исто поради Ковид-19.

Во Израел има нов силен бран на вирусот: во последните две недели најнизок број на заболени бил на 21 септември кога 2.600 лица биле регистрирани за позитивни. Во оваа земја има околу 190.000 позитивни случаи на 9 милиони жители. На 18 септември властите се решија за целосен локдаун.

Поради ова УЕФА планирала да го премести мечот Макаби - Салцбург на неутрален терен, но на крај се одигра во Тел Авив.

МАКАБИ СО ДУРИ 17 ПОЗИТИВНИ ТЕСТОВИ

Во 3. квалификациско коло за ЛШ, шампионот на Израел пред мечот со Салцбург имал 17 позитивни случаи - девет фудбалери и осум членови на стручен штаб. Најголем дел од позитивните биле стандардни првотимци: стоперот Саборит, израелските репрезентативци Глазер и Дан Перетц, напаѓачите Коен и Блекмен.

Макаби соопшти и за двајца позитивни од младинците - Гереро и Даниел Перетц. Кај Салцбург немало ниту еден позитивен.

На крајот Макаби бил со 11 позитивни играчи пред мечот.

Според новиот протокол на УЕФА Return to Play, мечот се игра во дадениот термин ако екипите имаат 13 спремни играчи од список А (меѓу нив еден мора да биде голман). Клубот може да стави на список дополнителни играчи кои се под договор со клубот но не се нашле на списокот регистрирани играчи за еврокупови.

Макаби некако успеал да собере 17 играчи, им помогнало тоа што имале голем ростер на фудбалери. Во стартот од младинците играле само 21-годишниот Ејлон Алмог кој минатата сезона влегол во прв тим и 20-годишниот Еден Карзев. На клупа за резерви имале тројца фудбалери до 20 години кои не влегоа во игра.

Домаќинот во поголем дел од мечот играше со 5 играчи во одбрана, се бранеше и чекаше само контри. Тоа им успеа во 9' минута кога Дан Битон избегна една офсајд замка на додавање на Алмог и ефектно го лобуваше голманот на фаворитот Салцбург.

Шампионот на Австрија и редовен учесник во еврокуповите после примениот гол, нападна уште повеќе а израмни во вториот дел во 49' по пеналот на Собошлаи. Пресвртот 1:2 и победа за Салцург ги донесе Мсаја Окугава во 57' минута.

Реваншот се игра во Австрија на 30 септември. Ако до тогаш позитивните играчи направат два негативни теста, ќе можат да играат.

23 септември 2020 - 11:44