Фудбалерите од тимот по име Казаспорт не се како оние за кои секојдневно читаме, пишуваме и гледаме како спијат на пари. Тоа е всушност мултикултурна екипа со емигранти од различни страни на светот кои се соединиле и се под капа на фондацијата „Casa della Carità" во Милано.
Ги има од секаде, а најмногу од Африка. Тимот е составен од 25 играчи меѓу кои има само еден Италијанец, а останатите се од Мароко, Египет, Нигерија, Камерун, Гана, Нигерија, Брегот на Слоновата коска, Романија, Косово.
Почнале да се пријавуваат и да црпат искуство по разни локални турнири, а на почетоците имале и стратег од „Интер Кампус", кој е оформен во 1996 година од страна на Масимо Морати за регрутирање на млади фудбалски таленти.
Еден од надежите на екипата е 19 годишниот напаѓач од Косово Рилиндас кој го носи прекарот Погба и кој живее три години во Италија. Капитен е Нигериецот Муса кој игра во средниот ред и кој се инспирира од игрите на Пирло.
Првиот поголем подвиг за овие аматери е запишувањето на едно аматерско првенство во Милано на кое учествуваат 12 екипи, но за тоа ќе им треба потребна финансиска поддршка за која почнаа да собираат пари.
За да се натпреваруваат во лигата ќе им бидат потребни 3.750 евра годишно, од кои најголемите трошоци се членарината која чини 1.300 евра, како и изнајмувањето на теренот за сите 11 натпревари на домашен терен кое чини 1100 евра.
За сега волонтерски тимот успеал да собере 900 евра, а сите кои се дел од него почнувајќи од тренерот па до претседателот работат беспари. Тие почнале буквално од нула, а за почеток набавиле топка од 50 евра на која се потпишале сите играчи.
За само симболични 10 евра тие на своите навивачи им нудат годишна влезница, известување на мејл за активностите на клубот и учество на блогот кој ќе биде достапен само за навивачи на Казаспорт.
Оваа екипа формирана од членови кои до скоро немале ниту покрив над глава се обидуваат преку 90 минутна партија фудбал да заборават на бедата и сиромаштијата во земјите каде што се родени и со што поголема поддршка на публиката да стигнат до успеси кои ги нуди фудбалот.