Карло Анчелоти со емотивно видео се збогува со Реал Мадрид

Реал Мадрид преку официјално соопштение ја потврди разделбата со трофејниот Карло Анчелоти кој одговори на своите профили на социјалните мрежи.

Фото: Epa Images
Фото: Epa Images
Photo: EPA Images

Пред утрешниот последен натпревар на Реал Мадрид сезонава, против Реал Сосиедад, воедно и последен за Карло Анчелоти на клупата на „кралскиот клуб“, обете страни си посакаа се најдобро во иднина.

Италијанскиот тренер се реши на егзотичен потег, ја прифати авантуристичката понуда да стане селектор на Бразил. Цела јужно-американска земја очекува од Дон Карло да го врати стариот сјај на кариоките.

„Реал Мадрид и Карло Анчелоти постигнаа договор за крај на неговиот мандат како тренер на Реал Мадрид. Нашиот клуб сака да изрази благодарност за придонесот на една од најголемите легенди на Реал Мадрид и светскиот фудбал.

Карло Анчелоти го водеше нашиот тим во еден од најуспешните периоди во нашата 123-годишна клупска историја и стана најтрофеен тренер во нашата историја: 3 Лига на шампиони, 3 Светски клупски првенства, 3 европски Суперкупа, 2 титули во Ла Лига, 2 пехари во Кралскиот Куп и 2 Суперкупа на Шпанија. Вкупно 15 титули за шест сезони во кои го водеше нашиот клуб“, напиша Реал Мадрид во официјалното соопштение.

Се обрати и Флорентино Перез, претседателот на Реал Мадрид: „Карло Анчелоти веќе е составен дел од големата фамилија на Реал Мадрид. Горди сме што го имавме за тренер кој ни помогна да постигнеме толку многу успеси и што ги претставуваше вредностите на нашиот клуб“. Реал Мадрид му посакува нему и на целата негова фамилија многу среќа во оваа нова фаза од неговиот живот.

АНЧЕЛОТИ „МОЈАТА ВРСКА СО РЕАЛ Е ВЕЧНА!“

Италијанецот кој со голем успех ги водеше Јувентус, Милан, ПСЖ, Реал Мадрид, Баерн Минхен се огласи на друштвените мрежи:

„Денес одново се разделуваме. Денес го носам во срцето секој доживеан момент за време на овој прекрасен втор мандат како тренер на Реал Мадрид. Беа незаборавни години, еден неверојатен пат, богат со емоции и титули и пред се гордост да се претставува овој симбол“.

„Балагодарност до Флорентино Перез, до управата, до играчите, до стручниот штаб и до единствените навивачи кои секогаш правеа да бидам еден од нив. Сега почнува нова авантура, а мојата врска со Реал Мадрид е вечна!“, напиша Дон Карло кој приложи и емотивно видео.

 

23 мај 2025 - 12:57