Високиот Германец Пер Мертезакер кој веќе неколку сезони командува со одбраната на „Топџиите“ од северен Лондон, вели дека напорите во модерниот фудбал се неподносливи:
„Желудникот ми се превртува така како да ќе повратам во секој момент. Ми се чини како да се борам со кнедла во грлото до тој степен што практично ми течат солзи“.
Во таквите случаи Мертезакер секогаш ја трга главата на страна и гледа во земја за никој да не примети ништо - ни камери, ни тренер, ни судија, ни соиграчите. Затоа никој никогаш не го прашал што му е пред секој меч. Што му е на тој спокоен и сигурен централен стопер.
Светскиот шампион од 2014-та и капитенот на Арсенал после еден тренинг дошол во тајландски ресторан во северен Лондон. Било петок, јануари 2018-та. Резервирал маса за двајца - на гости му доаѓал новинар од Der Spiegel.
Пер Мертезакер има 33 години а фудбал игра веќе 15 години. Има 104 настапи за репрезентацијата, 221 натпревар во Бундеслига, 155 меча во Премиер лига, 83 во еврокуповите.
Вели дека секој ден станува изморен. А и лекарите му рекле дека е хронично изморен. Но Пер не сака да го напушти фудбалот само така, туку сакал да остави нешто и за следните генерации. Сакал преку себе да покаже колку е сурова професијата професионален фудбалер зошто фудбалот е бизнис а играчот е жртва на постојани тренинзи и натпревари. Вели дека тие секогаш се играчи во униформа а не луѓе.
„Секако дека никој не е должен да ги слуша жалбиве, зошто на крајот, сфаќам какви предности имам во животот. Многумина мечтаат за слава, за пари, вили, луксузни коли, одмор на Сејшели, Малдиви, Маврики“, го почнува својот разговор за Die Weld високиот Германец кого во Лондон го знаат како Big fucking German а во татковината како најскромен спортист.
Пер вели дека првпат сака да раскаже за тие нагони за повраќање.
Се почнало една ноќ. Клеменс Фриц со кого Пер делел соба додека играше Вердер Бремен дознал прв за тоа.
„Фриц викаше дека мака мачи да заспие со мене. Ноќта пред секој меч така ми играше десната нога што го туркав цел јорган на земја. Него тоа го вадеше од такт“, вели Мертезакер.
После тоа, пред секој меч од сабајле имал дијареа, то ест имал повеќе од 500 такви денови во животот: „Стани од кревет, оди во тоалет, повраќај. Доручкувај, оди во тоалет, ручај пак во тоалет, стигни на стадион пак во тоалет“, се сеќава Мертезакер колку проблеми имал од напорните мечеви.
После некое време јадел само макарони без многу масло и јадел само четири часа пред мечот за желудникот да му биде празен и да не чуствува мачнина. „На крај помислуваш: проклетство, се надевам никој не виде кога повратив.“
За проблемите што ги имал Пер не им кажувал ниту на жена му, ниту на семејството ниту на другарите. „Не сакав да драматизирам, затоа што тоа не ми влијаеше врз играта“.
ФУДБАЛСКИОТ ПАТ НА ПЕР МЕРТЕЗАКЕР
Првпат истрчал на терен кога имал четири години. Во Патензен, Долна Саксонија. Татко му Штефан тогаш бил тренер во провинцијалското клупче. За време на натпреварите многу деца често плачеле ако го виделе на теренот - зошто тој бил огромен уште тогаш. Порано играл со една година постари деца од него.
Мертезакер на 11 години дошол во Хановер. Тогаш не размислувал дека еден ден би можел да излезе на голема сцена: „Искрено никогаш не сакав да станам професионален фудбалер. Фудбалот ми беше хоби и тоа беше се“ се сеќава Пер.
Во неговата соба во тоа време виселе постери со фудбалерите на Хановер, со Боб Марли и постер од Ана Курникова.
Татко му морал да се позанимава посериозно со Пер кога детето наполнило 15 години зошто му се јавиле проблеми со растот - наеднаш и „преку ноќ“ растел па коските тешко му се приспособувале. „Имав такви болки во левото колено што не можев да тренирам цела година“.
Татко му бил престрог: „Ништо не бива од тебе“, му рекол еднаш а мајка му го тешела: ’Прво заврши школо, па ќе видиме после што и како’.
„Ништо не бива од тебе. До која мера тие зборови ме ослободија мене. Како да исчезна притисокот кој секогаш го чувствував“, вели денес Мертезакер, стоперот на германската репрезентација.
По пауза од една година, Пер се вратил во јуниорската екипа на Хановер каде првпат заиграле со четворица во одбрана. Тренерот на јуниорите многу верувал во него, и Мертезакер потпишал договор со вториот тим на клубот. А потоа еднаш му се јавил Мирко Сломка кој бил помошник тренер на првиот тим.
„Првпат помислив: чекај малку, полека, ова веќе станува опасно“, додава Мертезакер.
Во 2003-та го потпишал својот прв професионален договор и тоа на две години. Плата: 1.000 евра месечно. Татко му сметал дека Пер прво мора да заслужи почит. На 1. ноември 2003-та Мертезакер го одиграл својот прв дебитантски меч во Бундеслига против Келн. Во тој момент бил најмладиот германски фудбалер во Бундеслигата.
После 20 одиграни меча му се јавил тогашниот селектор на Германија, Јирген Клинсман: „Тој сакаше да донесе свежа крв во тимот и ме викна мене. Јас во прв момент ја тресев главата и помислив: ’Април е, април’.
Во следен миг веќе направив сериозен израз на лицето зошто Јирген зборуваше за потивко и потивко и бираше зборови.
„Една чудесна вест после друга. Тоа беше тешка ситуација за мене зошто имав завршен испит во школо, а тренирав секој ден, играв секој викенд. Често си викав: не мисли, просто само оди напред. Во еден момент сфаќаш дека тоа се е фиизчко и психолошко празнење со кое треба да се носиш. Не чувствуваш задоволство од играта, туку должен си да работиш без ’ама’ и без ’ако’. Дури и кога си повреден“, вели Мертезакер за проблемите со кои се соочуваат фудбалерите уште од рана возраст.
Првата сериозна повреда ја заработил во 2005. година. Во еден натпревар за репрезентацијата ја повредил ахиловата тетива. Од клубот не сакале да слушнат за некаква операција зошто морале да го сочуваат местото во Бундеслига, а тој да го сочува местото во репрезентацијата. И така Мертезакер играл цела година се додека коската не се деформирала.
„Тоа беа ужасни болки, но во оваа професија секогаш мора да си спремен да го жртвуваш здравјето. Девиза им е: страдањето ќе те исчеличи“.
И така и било зошто Клинсман го викнал во репрезентацијата: „Да играш за својата земја на домашно Светско првенство беше просто фантазија“. Додека му раскажува на новинарот кој го интервјуира, Мертезакер како да се сеќава на секој момент од Мундијалот 2006.
„Страшно бев разочаран кога изгубивме од Италија во полуфинале, но како да почуствував и олесување. Се сеќавам на тоа како да беше вчера. Повторував само едно: се е минато, помина, минато е конечно“
Петицата и тетивата толку го болеле што вели дека се плашел да не направи некоја грешка која ќе ги чини гол. „И соиграчите се плашеа. Ти постојано гледаш на семафорот и го следиш времето. На Светско беше просто недопустливо да згрешиш. Но смеам ли да зборувам сега за ова? Да кажам дека се радував што заврши па макар изгубивме“.
Фудбалот е спорт број еден за Германците а играчите се национални херои. После секој меч си исцеден како лимон но луѓето имаат право на внимание. Пер вели дека ни самиот не памти колку пати ги слушнал тие муабети. Самиот не сакал да зборува со никој после натпреварите.
Новинарите често го сметале за арогантен и безобразен. Ако Вердер изгубел, во недела на тренинг имало три екипи новинари со камермани. А ако победеле, немало ни една. Тогаш имало само навивачи, семејства со деца кои дремеле и по 2-3 часа на теренот за да гледаат тренинг.
После дуелот од осминафиналето на Светсткото 2014-та против Алжир еден новинар го прашал зошто мечот против африканската селекција им бил толку тежок. А Мертезакер кој обично е љубезен и внимателен му возвратил:
„Што сакате вие од мене? Се боревме до крајот, а сега три дена нема да излезам од буре со мраз“. Германија тогаш едвај победи 2:1.
Пер е инаку еден од најомилените германски фудбалери. На Фејсбук има околу 3 милиони следбеници. Луѓето го сакаат. Никакви тетоважи, никакви бисери и ланци, никакви фотографии со модели на јахти или шампањи во Ница или Ибица. Затоа го сакаат. Природен е и нормален.
Во текот на интервјуто самиот се вратил на мемоарите од 2006-та кога морал да ја оперира коската на петицата. Решил да се оперира во рехабилитациона клиника во Донауштауф во Баварија.
„Просто сакав да побегнам од сè - од клубот, од стадионот, од натпреварите.“ Пак направил пауза а потоа: „Сите мислат дека е трагедија ако се повредиш. Но не е така. Зошто тоа е единствениот момент кога може да се одморите и да излезете од зачараниот круг“, вели Мертезакер.
Маѓепсан круг - постојано иста композиција средби со спонзори, тренинзи и натпревари. Од недела за недела. Никаков одмор. Само некои статистики: колку истрчал, колку брзо истрчал, колку дуели добил. „И никој не сака да слушне дали ти си одиграл 10 добри меча. Важи само тој едниот што го гледаат во моментот“, додава искрениот Пер.
Ново страдание го начекало во сезоната 2007/2008 на три месеци пред настап на Европското со Германија. На првиот тренинг после паузата го скинал менискусот. На прашањата како се случило тоа, Пер вели: „Одговорот е прост: бев на границите од можностите, просто на граница. Моето тело веќе не можеше да го издржи напорот“.
Поради скинатиот менискус пропуштил 7 недели и одново се лечел во Донауштауф. Во клиниката таму ја запознал својата идна жена Улрике Штанге. Таа многу му помогнала. Таа е поранешна ракометна репрезентативка која како спортист знае што значи долго да немаш здрав сон од напор.
По трансферот од Хановер во Вердер во 2006-та тој првпат се сретнал со психолог. Му го претставиле вака: ако имаш било какви проблеми приватни или други можеш да зборуваш со него во слободното време.
„Ако тој се обратеше некому, сите реагираа исто: сè е во ред, добар сум, немам никакви проблеми, остави ме, не сакам да разговарам со тебе. Ти не сакаш другите во екипата да мислат дека баш ти имаш проблеми зошто нели професионален спорт е“, признава Мертезакер.
„Во соблекувална сите се глупираме. Но тешко да зборуваш со сите, можеш само со двајца-тројца. Никој никогаш не ја спушта маската да каже како се чувствува од внатре, но на денот на мечот сите трчаат во тоалет“.
Во Арсенал, кога направи голем трансфер во гигантот, Мертезакер првпат зборувал со психолог. Тој никогаш не го прашувал што прави кога е под стрес, како се чувствува во определени ситуации или слични фрази. Како резултат на тоа криење во светот на фудбалот се случи трагедија: самоубиството на Роберт Енке, познатиот некогашен голман на Хановер и Барселона.
Кога Пер Мертезакер зборува за самоубиството на неговиот другар, очите му се насолзуваат: „Дури ни јас не знаев колку му било лошо.
Пер е свесен дека денес фудбалерите се ѓаволски многу платени и дека тоа е единствен силен аргумент на јавноста, но...
„Не би рекол дека лично јас сум преплатен или сум бил преплатен. Знам што се направив и низ што се поминав. Поради фудбалот ја жртвував младоста, своето лично пространство и слобода. На крај од краиштата јас го одбрав тој пат, никој не ме присилувал“, вели високиот стопер.
Другари на Пер Мертезакер му се оние луѓе кои ги знаел уште пред да стане ѕвезда. Другари од школо, другари од јуниорските денови во Хановер, другари од поранешното негово маало. Луѓе кои не станале професионални фудбалери зошто не можеле да се носат со притисокот.
Тој со нив секоја година оди на одмор. Понекогаш одат на риболов во Канада, а најчесто се дружат во Харц. Таму порано живееле баба му и дедо му. Во некогашната куќа каде растел сега прави скара со другарите. И играат мал фудбал на земјен терен.
Сила и енергија црпи од нив и од семејството, жената и децата кои му помагаат и кои не ги интересира како одиграл. Тие просто се радуваат кога ќе се врати дома.
Неговите синови, Пол (6 години) и Оскар (3) се една од причините поради кои тој размислува да ја заврши кариерата. „Тие се во години кога сфаќаат дека татко им игра за Арсенал и дека луѓето го познаваат. Јас не сакам тие во школо да слушаат дека јас лошо сум играл“.
Лекарите му советуваат да ја заврши кариерата. Тој има проблеми со колената. „Моето тело веќе е на граница на можностите“, признава капитенот на Венгер. „Понекогаш ми е подобро да седам на клупата за резерви а уште подобро кога сум на трибини“.
Во мај Пер веројатно ќе организира проштален меч и ќе ја заврши кариерата. „И тогаш првпат после 30 години ќе бидам слободен во својот живот“, вели Мертезакер.
Во меѓувреме од клубот му понудиле а тој прифатил да работи во младинската школа, во академијата на Арсенал. Има сериозни планови: „Сакам да се изборам и да го сменам системот. Ние сме одговори за децата кои стасуваат. Тие не се должни да стават се на една карта поради фудбалот и да го баталат школото. Во професионалниот фудбал останува само еден процент од нив. Останатите 99% долго време не може да најдат друга работа“:
Слична исповед за притисокот и психолошките проблеми на професионалните фудбалери неодамна зборуваше и играч на Барселона.