Изненадувачката и неочекувана вест за македонската јавност се појави на сајтот на ФФМ со слика од пристаништето во Џенова на која Пандев ја крена 10-та во друштво со новиот селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.
Поранешниот капитен повторно ќе го видиме во репрезентативниот дрес по двата пријателски натпревари на 12 и 17 ноември против Црна Гора и Либан.
„Среќен сум што повторно ќе бидам дел од репрезентацијата на Македонија. Разговаравме со новиот селектор и подготвен сум да се вратам во националниот тим. Помина долго време од мојот последен настап за Македонија и искрено воопшто не ми беше сеедно. Напротив, тешко ги поднесував сите случувања поврзани со репрезентацијата, но тоа е период кој е зад нас. Сега имаме сосема друга цел. Да се обединиме и да се обидеме да бидеме успешни. На секоја репрезентацијата и треба поддршка, верувам дека заеднички ќе успееме да ја подигнеме мотивираноста и квалитетот“, изјави Горан Пандев.
Пандев кој има 75 настапи за македонската репрезентација, се повлече по квалификацискиот циклус за СП 2014 на кој завршивме последни во групата, а сигурно ќе биде од голема помош за следните мундијалски квалификации каде Македонија се падна во група со Шпанија, Италија, Албанија, Израел и Луксембург.