Во шеснаестина-финалето на Лига Европа, првата нокаут фаза после групите ќе играат:
- Наполи (кој испадна од група со Манчестер Сити и Шахтјор);
- Борусија Дортмунд (која играше пеколно добро со новиот тренер Петер Бос, но наеднаш клапна и почна да реди порази па од февруари се сели во Лига Европа);
- Атлетико Мадрид, кој го имаше заспаниот Гризман (два пати не можеа да го победат ни Карабах - 0:0 и 1:1). А кога Мадриѓаните си дојдоа при себе, беше доцна: триумф над Рома и нерешено со Челси беше недоволно.
Покрај нив во Лига Европа играат уште и Арсенал, Милан, Лацио, Лион, Лајпциг (испадна од ЛШ), Зенит, ЦСКА и Спартак Москва.
Односот кон Лига Европа постојано се менува а тоа може да се види на примерот на Жозе Мурињо:
2013-та година изјави: „Не сакам да ја освојам Лига Европа. Мене ме разочарува таква победа. Не сакам моите играчи да ја сметаат Лига Европа за турнир на своето ниво“.
2017-та година: „Тоа е единствениот турнир којшто Манчестер Јунајтед не го освоил. Ќе биде добро да го прекинеме кругот и да кажеме дека ние сме освоиле се на светот“.
Благодарение на еволуцијата на форматот: од 2015-та година победникот на Лига Европа заработува директно место во елитната Лига на шампиони. Автоматски во плејофот на квалификациите, но ако победникот на ЛШ следната сезона обезбеди пласман и преку домашното првенство (а тоа се случува често), тогаш најдобрата екипа од Лига Европа следната сезона има место директно по групи.
Крај краева, сезонава ќе гледаме врвна Лига Европа со многу гиганти што гарантира интересна пролет.