Приказната почнува од Првата Светска Војна кога мажите кои биле во добра кондиција за фудбал, ги повикале да се борат на фронт. Во одбрана на државата се пријавиле многу млади луѓе меѓу кои имало и жени кои работеле во фабриките за муниција.
Меѓу нив се ширело големо пријателство, а на паузите барале занимации па за почеток почнале да си додаваат со топка. Активност која претходно се сметала како несоодветна за нив, а подоцна добра за нивното здравје.
Како што течела војната, фудбалската игра низ фабриките се повеќе се ширела, а откако се формирале првите тимови, на почеток целта била преку натпреварите да се соберат пари за повредените војници и жени.
Во август 1917 година бил основан првиот куп на кој Блит Спартанс го победиле Болков Ванган од Мидлсброу со 5:0. Ѕвезда на мечот била Бела Реј со хет-трик, која во цела сезона постигнала 130 голови.
Љубовта за фудбалот толку многу растела, што по свадбата на левото крило Џени Морган и Бела, младоженците играле еден на еден, а невестата постигнала два гола.
Најславен тим во тоа време станал Дик Кер Лејдис од Престон, формиран во 1917 година. Тие на првиот меч привлекле 10.000 гледачи, а по три години за време на Божиќ на „Гудисон Парк“ играле пред публика од 53.000. Место немало за сите, 14.000 не успеале да влезат.
Војната завршила, фабриките се затворале, а Англија ги броела жртвите. Тоа за жените значело дека треба да се вратат дома, да заборават на топката и да бидат на своето “право“ место, во општеството. Лекарите сметале дека тој спорт за нив е многу напорен и не е повеќе добар за здравјето.
И покрај овие предупредувања, Дик Кер Лејдис сè уште биле водечки тим во Велика Британија. Врвот на нивната популарност се случувал во 1921 година, но нивната златна ера траела кратко.
На 5 декември истата година Фудбалската Асоцијација на Англија го забранила женскиот фудбал, но постоечките женски екипи продолжиле да се натпреваруваат уште неколку години.
Во 1937 година Дик Кер биле шампиони на Британија и во светот, а Лили Пар станала една од најдобрите стрелци во историјата на англискиот фудбал со над 1.000 голови во нејзината 31 годишна кариера.
ФА во 1971 година конечно ја укинала забраната, а УЕФА предложила женскиот фудбал да биде под контрола на фудбалските федерации во земјите каде што се игра. Оваа одлука ја означила преродбата на овој спорт во цел свет.
Пионерките од фабриките ги удрија темелите во женскиот фудбал, им се спротивставија на правилата и го сменија начинот на размислување.
Првото официјално Европско првенство за жени се одигра во Шведска во 1984 година, а во 1991-ва се одржа и првиот Мундијал. На Олимписките игри во 2012 година, мечот помеѓу САД и Јапонија на Вембли го следеа рекордни 83.000 гледачи.
Во 2002 година, 24 години по смртта, Лили Пер стана првата жена која влезе во Куќата на славните и во Националниот фудбалски музеј во Престон.
Оваа година за прв пат меѓу тројцата кандидати за наградата „Ференц Пушкаш" се најде девојка која ќе им биде конкуренција на Робин Ван Перси и Хамес Родригез на гол на годината според ФИФА.
Клик ТУКА ако сакате да прочитате до каде сме ние на темава. Женската фудбалска репрезентација на Македонија до сега има само една победа.