Стефани Роше (25) игра за францускиот прволигаш АСПТТ Алби и за ирската фудбалска репрезентација. Ефектниот гол, Роше го постигна во октомври лани во дресот на ирскиот женски тим Пемант Јунајтед.
Роше изјави дека натпреварите од женскиот фудбал ретко се снимаат, но снимката со нејзиниот гол на Јутјуб ја поставил противничкиот тренер, кој ги снимал нападите на својата екипа. За кратко време снимката имала повеќе од 3 милиони прегледи.
„Среќна сум што мојот гол беше препознат и од ФИФА и што многу луѓе гласаа за него. Наградата Пушкаш се дава за најубавиот гол на годината, без разлика во кое натпреварување паднал, важно да е на официјален натпревар. Сакам да верувам дека луѓето што го гледаат голот не размислуваат воопшто за тоа кои тимови и во која лига играле“, изјави Роше.
Покрај голот на фудбалерката од Република Ирска, во конкуренција се уште и головите на Холанѓанецот Робин Ван Перси и Колумбиецот Хамес Родригез на СП 2014 во Бразил.
„Има многу жени во светот што од недела во недела даваат добри голови, но тоа останува незабележано. Можеби таквите голови им даваат на луѓето дополнителен мотив да гледаат женски фудбал“, констатираше симпатичната Роше.
Гласањето за наградата Ференц Пушкаш сè уште е во тек, а победникот ќе биде прогласен на свечената манифестација во Цирих на 12 јануари, следната година кога ќе се бира и најдобар фудбалер за 2014-та година.
Лична карта: Стефани Роше
Родена: 13 јуни 1989 во Даблин, Р. Ирска
Позиција: Напаѓач
Кариера: Стела Марис (2007), Дандалк Сити (2007–2009), Рахејни Јунајтед (2009–2011), Пемант Јунајтед (2011–2014), АСПТТ Алби
Репрезентација: Република Ирска 28 настапи, 4 голови.
Голот на Стефани Роше (ПЕМАНТ ЈУНАЈТЕД - Вексворд Јат 20. октомври 2013)
Голот на Хамез Родригез (КОЛУМБИЈА - Уругвај 28 јуни 2014)
Голот на Робин Ван Перси (Шпанија - ХОЛАНДИЈА 13. јуни 2014)