Како се завршува кариерата на чесниот војник Миро

Германскиот ветеран и натаму е од корист во Лацио, но на неговиот славен пат се наѕира крајот. По што ќе го паметиме човекот кој е најдобар стрелец во историјата на Светските првенства и германската репрезентација?

Мирослав Клосе е играч кој ја донесе модата да се направи салто после постигнат гол и фудбалер кој успеа да убеди судија да не му признае гол постигнат нерегуларно, со рака. Во историјата влезе како најдобар стрелец на Светските првенства со 16 голови. Играше на четири Мундијали (Ј. Кореја и Јапонија 2002, Германија 2006, Ј. Африка 2010 и Бразил 2014), а Швабите никогаш не загубиле меч кога Миро Клосе дал гол.
 
Оттука се поставува прашањето, што понатаму да се додаде за фудбалерот кој е прв стрелец во историјата на Панцирите?
 
Како етнички Германец, со германско државјанство, татко му Жозеф Клосе бил дел од оние семејства кои останале во реонот Шлеска кој ѝ припаднал на Полска после Втората Светска војна. Како дете, Клосе имал проблем со интеграцијата во друштво на врсниците поради честите преселби. Роден е во Полска, од каде со фамилијата се сели во Франција затоа што татко му ја напуштил комунистичката земја за да игра во Оксер како професионален фудбалер.

Во 1986. година осумгодишниот Мирослав се преселил со татко му во германскиот град Кусел, иако тогаш знаел само два збора на германски и му било многу тешко да се разбира со новите другари. Во семејството и натаму се зборувало на полски јазик.
 
Но фудбалскиот јазик на малиот Мирослав бил многу јасен и во тимот влегол поради чувството за гол. И покрај страста за фудбал, родителите инсистирале Миро да се занимава со професија која не е поврзана со спорт. Покрај тренинзите во седмолигашот SG Blaubach-Diedelkopf, Клосе работел и како чирак кај извесен столар со кој изработувал материјали од дрво.
 
Ја совладал вештината за столар и тоа не го спречило да се докаже на теренот. Го привлекол вниманието на скаутите на Кајзерслаутерн, тим кој тогаш го тренирал Ото Рехагел, идниот сензационален победник на Европското 2004-та со Грција. Токму Рехагел му го отворил фудбалскиот пат на полскиот Германец.

„Беше спокоен во секојдневниот живот и не му сметаше тоа што ги почнуваше натпреварите од клупата. Секогаш беше спремен да влезе брзински во игра", вели Јирген Фридрих, тогашниот претседател на Кајзер.

Во моментот кога Клосе дебитирал во Бундеслига за Кајзерслаутерн, имал 22 години и никој не го гледал како идна ѕвезда. Рехагел го играл во средината, не во нападот, но Миро не се жалел и ја работел работата. Кога на местото на Рехагел дошол Андреас Бреме, Миро почнал редовно да дава голови на новата позиција - напаѓач.

Првиот погодок во Бундеслигата против Вердер Бремен го прославил со предно салто, во стилот на познатиот мексикански напаѓач Уго Санчез во 1970-та година. Миро ја донел оваа мода, и денес нема екипа во која нема играч кој со некоја акробација го слави постигнатиот гол.

Кога бројот на скокови се искачил на 10, Миро добил повик од две репрезентации.

Репрезентацијата на Германија во раните 2000-ти направи радикална смена на генерација и појавата на новиот напаѓач не мина незабележана. Од друга страна, Полјаците имаа шанса да играат на етничка карта со оглед на родното место на Клосе и проблемите со германскиот јазик за да го убедат да игра за Полска.

Селекторот Јиржи Енгел на почетокот на 2001. година лично отпатувал во Германија за да го убеди Миро да игра за Полска, но овој го одбил.

Причината се откри подоцна кога се испостави дека тогашниот селектор Руди Фелер го убедил Клосе и му ветил место во репрезентацијата. Мирослав дебитираше во март 2001 против Албанија. Клосе влегува во игра од клупата во 73-та минута и после две минути дава гол со глава за победа од 2-1. Четири дена подоцна повторно влезе од клупата во квалификациите против Грција и во 82. минута даде решавачки гол за 3-2.

„Имам германски пасош и ако сè биде како треба, ќе играм за Руди Фелер. Да беше побрза полската федерација, ќе прифатев да играм за нив. Никогаш не се покајав за одлуката“, изјави Клосе за полскиот весник Przegląd Sportowy во 2008. година.

Дебито на Мундијалот му беше метеорско. Клосе постигна 5 голови на првиот меч, а Германците стигнаа до финалето каде загубија од Бразил. Жилавиот напаѓач доби понуди од неколку атрактивни клубови, но во летото 2004. година се одлучи за Вердер Бремен.

Во почетокот на кариерата во Бремен не беше стартер, но на мечот против Бохум влезе од клупата, постигна хет-трик и ги победи конкурентите во нападот. Следната сезона 2005/06 беше најдобар стрелец во Бундеслигата со неверојатни 25 голови на 26 средби.

На Светското 2006 во Германија беше водечки стрелец и ја освои бронзата. Следната година ја доби првата награда за фер-плеј во кариерата. На мечот со Арминија, Клосе влезе во дуел со противничкиот голман, судијата досуди пенал, а Миро го убеди арбитарот дека немало контакт по што овој го поништи пеналот. Овој потег го направи херој на нацијата, а подоцна Клосе уште неколку пати ја покажа неговата искреност и великодушност.

Во летото 2007 година, Баерн Минхен го купи најдобриот германски напаѓач во тоа време, Мирослав Клосе. Настапите за голем клуб носат и голем притисок од навивачите и медиумите, а тоа не му одеше во прилог на човекот кој живее скромен живот.

На клупски план не му одеше, но затоа со репрезентацијата освои уште еден медал на Светското првенство 2010. година кога даде 4 голови. Во 2011. година Германецот одлучи да замине во римски Лацио. Преминот во Италија значеше и Ренесанса за Клосе. Набрзо стана клучен играч на Лацио и еден од кандидатите за Златната топка најдобар стрелец (Capocannoniere) со 12 голови.

Навивачите го засакаа и стана миленик на северната трибина после потегот на мечот против Наполи, кога при 0:0 му сугерираше на судијата да го поништи голот постигнат со рака. Принципите на фер-плејот за него останаа неприкосновени.

Следен предизвик за ветеранот Клосе беше новиот Мундијал и рекордот кој таму го бркаше. Во Бразил Миро отиде во одлична форма, Германците го освоија златото против Аргентина во финалето, а Миро со двата гола на тој Мундијал го премина бомбардерското достигнување на Роналдо.

По крајот на Светското 2014 одлучи да заврши со настапите за германската репрезентација. Европското 2016-та ќе биде прв голем турнир после 14 години на кој нема да учествува Мирослав Клосе. Се повлече од Бундесманшафт со титулата прв стрелец во историјата на Германија со дури 71 гол.

Клосе е жив пример на играч кој не бил голем талент, но со напорни тренинзи и упорност стигнал до врвот. Многумина веруваат дека не го достигнал највисокото ниво, но неговите достигнувања станаа историски, а однесувањето му е пример кој треба да се следи.

Неговите две деца Луан и Ноа тренираат во младинските категории на Лацио, а полскиот Германец се надева дека барем еден од нив ќе тргне по неговиот пат.

12 април 2016 - 11:01