Како работи пазарот за фудбалери во месец јануари?

Ниту еден клуб не сака да загуби некој од своите фудбалери во зимскиот преоден рок и да нема доволно време да најде соодветна замена за вториот дел од сезоната. Најскапиот трансфер во историјата на зимскиот преоден рок е оној на Фернандо Торес од Ливерпул во Челси.

Во речиси цела Европа зимскиот преоден рок почнува на 1. јануари и завршува на 2. февруари. Најголем дел од европските екипи го користат просторот што се отвора во некои првенства, во кои една календарска сезона трае од март до ноември. Така Манчестер Јунајтед во 2006. го купи Немања Видиќ од рускиот Спартак Москва, а Фулам го доведе Клинт Демпси од МЛС лигата.

Освен големи фудбалски имиња, во зимскиот преоден рок еден клуб може да го искористи незадоволството на некој екстра фудбалер што не играл доволно во претходните шест месеци. Таков беше случајот со Даниел Стариџ, англиски репрезентативец кој од Челси замина во Ливерпул во 2013. година.

Неколку години пред Стариџ, зимскиот преоден рок го потресе Челси, кога реши за рекордни 50 милиони фунти да го доведе Фернандо Торес од Ливерпул. Тоа е најскапиот зимски трансфер, а оној на Герет Бејл од Тотенхем во Реал Мадрид во 2013. година е најскапиот трансфер во историјата. Кралевите за Велшанецот искешираа 85,3 милиони фунти.

Скаутинг службите на клубовите обично следат некој играч со недели, месеци, па и со години, како Тотенхем со Димитар Бербатов. Во случај да немаат дозвола да преговараат со играчот и со неговиот агент, клубовите имаат право да ангажираат посредник во целиот трансфер, кој би го испитал играчот дали е расположен за промена на клубот.

Посредникот ги прави клучните чекори за должината и вредноста на договорот и обештетување за неговиот актуелен клуб. Екипите обично не сакаат да бидат посрамотени во јавноста дека некој играч ги одбил (Алексис Санчез Ливерпул минатата година), па затоа управите сè држат во дискреција.

Клубовите ангажираат агенти посредници за овие да го опипаат пулсот на некој играч, а ретко кој се нафаќа јавно да објави дека е заинтересиран за некој фудбалер, затоа што може да се „навртат големите“ риби и да го однесат. Кога преговорите ќе започнат и ако двете страни се договорат, играчот оди на соодветни медицински прегледи, кои најчесто се формални. Но во случај да има некоја повреда, клубот купувач, ангажира специјалисти кои би ја констатирале тежината на повредата.

На тој начин им пропаднаа трансферите на Демба Ба во Стоук во 2011. како и на Лоик Реми, кој лани се договори со Ливерпул, но не ги мина медицинските прегледи и трансферот пропадна. Реал Мадрид пет пати го уриваше рекордот, со Луис Фиго во 2000., со Зинедин Зидан во 2001. и со Кака во 2009. година.

Инаку, минатата година за трансфери најмногу пари се потрошија во Премиер лигата, околу 858 милиони фунти, нето потрошувачка 387 милиони. Следува Ла Лига со 425 милиони фунти, нето 27 милиони, Серија А со 260 милиони, нето 32 милиони, Бундеслига 250 милиони фунти, нето 85 милиони и Лига 1 со 100 милиони фунти, нето потрошувачка за трансфери 78,3 милиони фунти. Во само еден преоден рок, Манчестер Јунајтед под Луис ван Гал потроши 193,6 милиони фунти за нови играчи.