Фудбалскиот свет носи крајно необични анегдоти, а последната стигна од поранешниот прв човек на Каталонците.
Во летото 1996. година, кога 19-годишниот „Феномен“ во своето портфолио веќе имаше титула светски шампион со Бразил во САД и неверојатен учинок од 54 голови на 57 средби за ПСВ Ајндховен, Барселона била решена да го донесе на Камп Ноу.
„Морав да се камуфлирам за да го обезбедам неговиот потпис. Од една страна не беше многу тешко да се договориме со управата на ПСВ Ајндховен, затоа што тогаш обештетувањето за него беше 1.500.000.000 пезоси или околу 15.000.000 евра во денешни пари. Меѓутоа, за време на преговорите со Холанѓаните се појави проблем затоа што моравме да постигнеме договор и со фудбалерот до 15. јули кога истекуваше нашиот договор со холандскиот клуб“, раскажува Жоан Гаспар.
Поради тоа, Каталонците морале да ги контактираат претставниците на Роналдо кои во тоа време биле во Мајами, место каде бразилската репрезентација се подготвувала во тој момент.
Недостасувал уште потпис на Роналдо за да и официјално стане играч на Барса.
„Во меѓувреме, ПСВ како да сфати дека сепак не сака да остане без својот најдобар играч, па многу брзо ги алармираше челниците на Фудбалскиот сојуз на Бразил со цел да го спречат Рони да стане наш член. Јас тргнав за Мајами, дојдов до базата на Бразил кога гледам на влезот стојат двајца големи дечки од обезбедувањето кои не ме пуштаат да му пријдам ниту на Роналдо ниту на било кој друг играч“, додава Жоан Гаспар.
Директорите на ПСВ во исто време секој ден се јавувале на Камп Ноу за да ги потсетат челните луѓе на Барса дека рокот за договорот се приближува, а Гаспар не сакал да се врати од САД без потписот на Роналдо па решил да направи план.
„Го запознав келнерот во хотелот кој по некоја случајност беше од Шпанија. Ми ја позајми униформата, ми го даде послужавникот и шише Кока-Кола. Се пресоблеков, се јавив уредно кај чуварите на влезот и им кажав дека гостинот сака сок, па ме пуштија. Чукнав на вратата на Роналдо и тој ми отвори. Кога ме виде најпрвин „умре“ од смеење, но набрзо на креветот го потпиша договорот, ги контактираше своите агенти и се беше готово“, заклучува поранешниот прв човек на Барселона.
Роналдо во Каталонија се задржа само една сезона, но навивачите и натаму се сеќаваат на неговите пеколни дриблинзи и 38 голови на 46 средби.
До крајот на својата кариера, бразилскиот шпиц играше уште и за Реал Мадрид, Интер, Милан и Коринтијанс. Освои уште едно Светско првенство, три Златни Топки, неколку национални трофеи и награди, но никогаш Лигата на шампионите.
Луис Назарио да Лима играше во многу ривалски клубови но никогаш не бил омразен од ниту едни навивачи. Остана запаметен како еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот.